По речиси една деценија, Google го ажурира своето познато „G“ лого, а новиот дизајн со поживи бои и постепен премин на нијанси ја симболизира посветеноста на компанијата на ерата на вештачката интелигенција (такво е официјалното објаснување).
Google официјално го најави редизајнот на своето препознатливо „G“ лого, воведувајќи помодерен изглед со посветли бои и постепени премини на нијанси. Како што наведува MoneyControl, овој освежен симбол, кој првпат го видовме порано годинава заедно со Google Search, сега станува официјален знак на целата компанија, претставувајќи го и брендот и пошироката организација.
Оригиналното „G“ лого во познатата палета од сина, црвена, жолта и зелена боја беше претставено во 2015 година, со што се усогласи визуелниот идентитет на компанијата на сите платформи. Новиот дизајн гради врз тоа наследство, користејќи ја истата шема на бои, но со забележливо поживи нијанси и благи премини.
Според изјави од Google, посветлото „G“ симболизира растечки фокус на компанијата на вештачката интелигенција и креативната енергија што ги обликува нивните производи. Иако изгледот е променет, од компанијата нагласуваат дека дизајнот останува длабоко вкоренет во препознатливиот четирибоен идентитет.
Новото лого веќе почна да се појавува на одредени места, како на пример во визуелите за Gemini претставени во јуни, а во наредните месеци ќе продолжи да се применува на сè повеќе производи и услуги.