Electronic Arts (EA) објави дека ќе биде откупен од Silver Lake, PIF и Affinity Partners на Џеред Кушнер, во зделка вредна 55 милијарди долари. Компанијата ќе излезе од берза во 2027 година, а извршен директор ќе остане Ендрју Вилсон.
Electronic Arts (EA) официјално соопшти дека ќе биде откупен и повлечен од берза во зделка вредна 55 милијарди долари. Во аквизицијата се вклучени Silver Lake, саудискиот PIF (Public Investment Fund) и Affinity Partners, инвестициски фонд кој го води Џеред Кушнер, зетот на Доналд Трамп.

Screenshot
Се очекува трансакцијата да биде завршена во првиот фискален квартал од 2027 година, со одобрување од регулаторните тела и акционерите. По завршувањето на процесот, акциите на EA повеќе нема да бидат листирани на јавните берзи. Финансиската конструкција вклучува 36 милијарди долари капитални вложувања од PIF, Silver Lake и Affinity Partners, додека 20 милијарди долари ќе дојдат преку заем целосно обезбеден од JPMorgan Chase.
Компанијата и понатаму ќе има седиште во Редвуд Сити, Калифорнија, а Ендрју Вилсон ќе остане на позицијата извршен директор. PIF, кој веќе држи речиси 10% удел во EA и има значајни вложувања во други гејминг гиганти како Nintendo, Take-Two Interactive и Capcom, дополнително ја зацврстува својата позиција во индустријата.
Времето на аквизицијата се поклопува со лансирањето на Battlefield 6, закажано за 10 октомври. Сепак, EA во изминатите месеци се соочи со предизвици – вклучувајќи отпуштања, гасење на проектите Titanfall и Black Panther, како и послаб успех на играта Dragon Age: The Veilguard.
„Нашите креативни и страствени тимови испорачаа незаборавни искуства на милиони фанови ширум светот. Овој момент е силно признание за нивната работа и вредноста на нашите IP-а,“ изјави Ендрју Вилсон.
Доколку зделката се реализира, ова ќе биде една од најголемите аквизиции на некоја јавно тргувана компанија во историјата.