Microsoft го воведува Agent Mode во Excel и Word, додека Office Agent во Copilot четот овозможува автоматско креирање документи и презентации.
Microsoft официјално го претстави концептот „vibe working“ во рамки на своите Office апликации, воведувајќи го Agent Mode во Excel и Word. Оваа функција им овозможува на корисниците да креираат сложени табели и документи само со помош на упати во Copilot околината. Паралелно, беше претставен и Office Agent во рамки на Copilot четот, заснован на Anthropic модели, кој овозможува автоматско генерирање на PowerPoint презентации и Word документи.
Agent Mode во Excel носи подетален пристап кон комплексни бизнис податоци, разложувајќи ги задачите на помали чекори кои корисниците можат да ги следат во реално време. Microsoft наведува дека овој режим овозможува креирање табели со точност од 57,2% при тестирањето SpreadsheetBench, со што ги надминува конкурентските AI решенија. Сепак, тоа останува под човечката прецизност од 71,3%.
Agent Mode и Office Agent – нова ера на AI продуктивност во Office апликациите
Во Word, Agent Mode го унапредува процесот на креирање документи на едно ново ниво преку т.н. „vibe writing“: интерактивен процес на пишување во кој Copilot предлага измени, сумира содржина и дава сугестии во текот на самата изработка. На пример, корисниците можат автоматски да креираат месечни извештаи со податоци и споредби во однос на претходните периоди.
Office Agent во Copilot четот, кој користи Anthropic модели, оди уште подалеку. Овозможува генерирање на целосни PowerPoint презентации и Word документи директно од еден упат. Microsoft истакнува дека овој систем, покрај структурата и содржината, користи и веб пребарување за креирање релевантни и визуелно подготвени презентации во реално време.
Иако OpenAI моделите и понатаму ја сочинуваат основата на Copilot АИ функциите во Office апликациите, Anthropic AI добива сѐ поголемо значење. Новите алатки моментално се достапни во рамки на Frontier програмата за Microsoft 365 Copilot корисници, како и за Microsoft 365 Personal и Family претплатници во САД, најпрво во веб верзиите, додека поддршката за десктоп апликации ќе пристигне наскоро.