Microsoft воведува микрофлуидно ладење директно во силициумот на процесорот, со што три пати поефикасно ја отстранува топлината.
Инженерите на Microsoft развија технологија која би можела да го реши еден од најголемите проблеми на модерните дата-центри: прегревањето поради интензивните AI работни задачи. Новиот пристап користи микрофлуидика, односно пумпање на течен разладен флуид низ микроскопски канали врежани директно во силициумот на процесорот. Според првите резултати, овој метод е и до трипати поефикасен од традиционалните системи за ладење со „ладни плочи“.
Стандардните GPU чипови во дата-центрите моментално се ладат со метални плочи кои ја пренасочуваат разладната течност околу пакувањето на чипот. Проблемот е што овие плочи се физички одвоени од силициумот, па нивната ефикасност има природни ограничувања. Новиот систем на Microsoft овозможува течноста за ладење директно да доаѓа во контакт со „срцето“ на процесорот, што ја намалува температурата на силициумот за дури 65% за време на тестовите.
Микрофлуидно ладење за иднината на AI процесорите
Инженерите инспирација за распоредот на каналите пронашле во природата, потпирајќи се на обрасци како вените на лист или крилјата на пеперутка. AI модели дополнително го оптимизирале протокот на течноста, за ладењето да се насочи кон најжешките точки на чипот. За време на тестирањето на GPU кој симулирал работна задача во Microsoft Teams, се покажало дека микрофлуидното ладење не само што ја отстранува топлината поефикасно, туку и отвора врата за дополнително зголемување на работната фреквенција.
Microsoft планира оваа технологија да ја примени и кај своите Cobalt и Maia чипови, а во иднина и кај сложените 3D-стекувани процесори, познати по проблемите со прегревање меѓу слоевите. Компанијата моментално работи со индустриски партнери за микрофлуидиката да стане широко прифатен стандард, а не само експериментална технологија.
Се очекува дека ваквиот пристап би можел да обезбеди значително поголема стабилност и долговечност на дата-центрите, особено во ерата кога AI хардверот станува сè помоќен и побарачки во однос на енергијата и ладењето, пренесува Live Science.