Новата генерација уреди од линијата Echo на Amazon веќе е достапна за преднарачка во Европа, по цени што започнуваат од 110 евра.
Amazon претстави четири нови уреди од линијата Echo, развиени за работа со надградената платформа на компанијата – Alexa+. Станува збор за паметните звучници Echo Dot Max и Echo Studio, како и два нови Echo Show уреди со вградени екрани од 8 и 11 инчи.
Најмалиот од наведените звучници, Echo Dot Max, доаѓа со двојни звучнички единици – нискотонец и високотонец, интегрирани директно во куќиштето, со што се постигнува побогат звук. Звучникот автоматски го прилагодува тонот според просторот, а од Amazon тврдат дека нуди трипати посилен бас од Echo Dot од 5. генерација.
Echo Studio претставува поголема верзија на Dot Max, со нискотонец со голем опсег на движење и три широкопојасни звучнички единици, со поддршка за просторен звук и Dolby Atmos – сето тоа во куќиште 40% помало од првиот Studio. Echo Studio и Echo Dot Max можат да се поврзат за стерео или surround искуство, со можност за спарување до пет уреди со Fire TV stick за домашно кино.
Понатаму, Echo Show 8 и 11 имаат нова in-cell touch технологија на екранот, што значи дека допирниот слој е вграден директно во самиот екран. Дополнително, користат и таканаречен негативен течен кристал, што овозможува пикселите во неактивна состојба да пропуштаат повеќе светлина, па сликата е посветла, со подобар контраст и поширок агол на гледање. Двата модели имаат и 13 MP камера за видеоповици, како и можност за персонализиран приказ на содржини преку Alexa.
Сите модели од освежената линија Echo се опремени со подобрени Amazon чипови со AI акцелератори. Echo Dot Max работи со AZ3, додека Echo Studio и Echo Show моделите користат помоќен AZ3 Pro. Според Amazon, новиот хардвер нуди побрз одѕив, подобрен квалитет на микрофонот и понапредни AI можности.
Цените на новите уреди се движат од 110 евра за Echo Dot Max, 200 евра за Echo Show 8, до 240 евра за Echo Studio и Echo Show 11.