Со цел што побрзо да излезе со уред кој ќе конкурира на Ray-Ban очилата на Meta, Apple се откажува од поволниот уред за проширена реалност и го забрзува развојот на своите први паметни очила.
Долгогодишниот аналитичар на Apple, Минг-Чи Куо, уште на почетокот на оваа година објави детална временска рамка за носливите уреди на Apple, според која подостапниот и полесен наглавен уред за проширена реалност, Vision Air, требаше да се појави на пазарот во 2027 година.
Сепак, според новиот извештај на Bloomberg, изгледа дека Apple го запрел развојот на Vision Air и целосно се насочил кон паметните очила, со цел што побрзо да лансира конкурент на Ray-Ban моделите на Meta. Се наведува дека веќе започнало префрлувањето на инженери од проектот Vision Air кон развојот на паметните очила.

Поради забрзаниот развој, се очекува паметните очила на Apple да влезат во масовно производство веќе во текот на следната година, наместо во вториот квартал од 2027 година, како што првично беше планирано.
Инаку, првата генерација на паметни очила од Apple треба да понуди повеќе различни материјали за рамката и ќе пристигне без вграден екран. Сепак, како паметни очила, тие ќе бидат опремени со Apple Intelligence, како и со повеќе камери кои ќе овозможуваат Visual Intelligence функционалности.
