YouTube тестира драстични промени на мобилниот интерфејс со поголеми профилни слики, само икони и нов распоред на копчињата. Еве што велат корисниците.
YouTube започна со тестирање на нов мобилен интерфејс, а промените се толку забележливи што веднаш предизвикаа поделби меѓу корисниците. Иако новиот дизајн сè уште не е достапен за сите, оние што веќе го виделе не штедат на коментари – од воодушевување до фрустрација.
Најзабележлива новина е поставувањето на поголеми профилни слики веднаш до насловот на видеото, додека традиционалните имиња на каналите се повлекуваат во корист на @корисничките имиња. Редот на копчињата под видеото, меѓу кои се „лајк“, „дислајк“, „сподели“, „преземи“ и „subscribe“, сега содржи само икони, без текст. Ѕвонцето за нотификации исто така е поместено и сега се наоѓа прво во редот на копчиња.
Промените не ги заобиколија ниту YouTube Shorts – копчињата се помали, а дел од корисниците се жалат дека сега се потешки за користење, особено на помали екрани.

Ова е ограничен тест, но сè укажува дека YouTube сериозно планира глобална промена. Платформата сака почист, „содржина-прво“ пристап, но останува прашање дали корисниците ќе го прифатат новиот изглед или компанијата сепак ќе мора да се врати на стариот.
Коментарите од светот на технологијата и реакциите на корисниците покажуваат дека новиот мобилен дизајн на YouTube е дочекан со големо внимание, но и со скептицизам. Според некои извештаи, најконтроверзна промена е отстранувањето на имињата на каналите под видеата, со што дополнително се потенцира @корисничкото име и профилната слика. Одредени корисници сметаат дека овој изглед е „премногу збиен“ и ја намалува прегледноста на клучните информации.
Исто така, се нагласува дека промената на распоредот на копчињата и големината на иконите во Shorts видеата довела до поделени мислења: додека некои сметаат дека интерфејсот е почист и по-модерен, други жалат за стариот, пофункционален распоред. Слично наведува и WebProNews, истакнувајќи дека овие потези се дел од поширока стратегија за истакнување на идентитетот на креаторите – обид да се задржат корисниците во конкуренција со TikTok и слични платформи. Поголемото лого на креаторите сега е во преден план, со цел да се подобри препознатливоста и да се поттикне лојалноста на гледачите.

Reddit и социјалните мрежи се преполни со поделени мислења – дел од корисниците истакнуваат дека „се губи контекст“ и ја критикуваат намалената прегледност, додека други го поздравуваат минималистичкиот пристап и можноста полесно да се фокусираат на видеото. На некои уреди новиот изглед сè уште не е пуштен, што покажува дека YouTube ги тестира реакциите пред да одлучи за глобално воведување, пишува Android Central.
Индустриските експерти оценуваат дека оваа промена е дел од трендот на персонализација и истакнување на визуелниот бренд на креаторите, што ги следи сличните потези на ривалите како TikTok и Instagram. Дали новиот изглед ќе стане стандард, сега зависи од повратните информации од корисниците и нивната способност да се прилагодат. Но едно е сигурно – малку која промена на YouTube досега предизвикала толку различни ставови и дебати.



