Comet AI прелистувачот на компанијата Perplexity сега е бесплатен за сите корисници ширум светот. Веб-браузерот претходно беше достапен само за корисниците со Perplexity Max претплата, по цена од 200 долари месечно.
Компанијата наведува дека станал „најбараниот прелистувач на интернет со милиони луѓе на листа на чекање.“ Сега таа листа е укината и секој може да го преземе. Perplexity нагласува дека ова не е промоција со ограничено траење, бидејќи Comet „останува засекогаш бесплатен.“
За оние кои не се запознаени, Comet AI е прелистувач кој го користи Perplexity AI како стандардeн пребарувач. Чат-ботот ја следи секоја пребарување во странична лента, а корисниците можат да му поставуваат прашања, да бараат резимеа на текстови и, во одредени случаи, да побараат конкретни акции како испраќање е-пошта или пронаоѓање упатства.
Comet собира информации од интернет и ги интегрира тие податоци во AI-генерирани одговори, па затоа препораката е да се проверат најважните информации.
Технолошките предности на Comet AI прелистувачот
Одлуката на Perplexity да го направи Comet целосно бесплатен претставува значаен потег во растечката конкуренција помеѓу AI прелистувачите. Овој чекор директно се спротивставува на традиционалните прелистувачи како Google Chrome, Microsoft Edge и Safari, кои се потпираат на рекламирање како примарен извор на приходи.
Изграден врз Chromium технологијата, Comet ги комбинира познатите функционалности со напредни можности на вештачката интелигенција.
Корисниците можат да поставуваат сложени прашања директно во прелистувачот, да добиваат моментални одговори од повеќе извори, а AI асистентот може да извршува задачи како резервација маса во ресторан или пронаоѓање најдобри цени за производи.
Ова е само најновиот чекор на компанијата Perplexity, која моментално работи на мобилна верзија на прелистувачот и интегриран AI асистент. Исто така, тие не се единствени кои воведуваат AI во веб-прелистувачи. Comet на ова поле им се приклучува на Google Chrome со експериментални AI функции и на Dia прелистувачот на компанијата The Browser Company.
Стручњаците предвидуваат дека бесплатноста на Comet ќе го забрза прифаќањето на AI прелистувачите кај обичните корисници, што може да доведе до фундаментални промени во начинот на кој пристапуваме кон интернетот. Со планираната мобилна верзија, Perplexity има цел да стане предводник во новата ера на веб-пребарување засновано на вештачка интелигенција.