Поради големата побарувачка за iPhone 17 Pro и Pro Max, Apple е принуден да го зголеми производството.
Во текот на 2025 година, Apple ќе го зголеми производството на iPhone 17 од претходно планираните 85 милиони на повеќе од 90 милиони единици, тврдат аналитичарите од Morgan Stanley.
Зголемувањето на производството главно ќе се однесува на моделите iPhone 17 Pro и 17 Pro Max, бидејќи побарувачката за тенкиот iPhone Air досега била помала од очекуваната. Аналитичарите истакнуваат дека Apple ја потценил подготвеноста на потрошувачите да ги купат новите Pro модели, па сега мора итно да се прилагоди на состојбата на пазарот.
Тие дополнително укажуваат дека најголемиот дел од купувачите на новите модели доаѓаат од редовите на сопствениците на постари iPhone уреди, а не од целосно нови корисници, и се очекува овој тренд уште повеќе да се засили следната година. Тоа би можело дополнително да ја поттикне продажбата на идните модели iPhone 18, како и на преклопливиот iPhone, чијашто премиера е планирана за крајот на 2026 година.
Според моменталните проценки, се смета дека Apple во 2026 година би можел да продаде околу 243 милиони iPhone уреди, а доколку преклопливиот модел се покаже како вистински хит, постои и пооптимистично сценарио според кое продажбата би можела да достигне дури 270 милиони примероци.