Популарната социјална мрежа Snapchat објави дека наскоро ќе започне со наплата за складирање на фотографии и видеа, што предизвика незадоволство кај корисниците.
Оваа популарна апликација им овозможува на корисниците да ги зачувуваат и складираат претходно објавените содржини преку функцијата „Memories“, која беше воведена во 2016 година.
Според податоците на компанијата, корисниците досега зачувале повеќе од трилион спомени.
Според новите правила, сите корисници кои имаат зачувано повеќе од 5 GB спомени ќе треба да преминат на план од 100 GB, кој, според пишувањето на TechCrunch, ќе чини 1,99 долари месечно.
Поголемите пакети, кои вклучуваат 250 GB меморија, се достапни преку претплатите Snapchat+ и Snapchat Premium, кои чинат 3,99 долари месечно.
Од апликацијата соопштија дека повеќето корисници нема да бидат погодени од оваа промена, бидејќи имаат помалку од 5 GB содржина, додека на оние што ќе ја надминат границата ќе им бидат обезбедени 12 месеци привремено складирање со можност за преземање на спомените на уредот.
На социјалните мрежи масовно се критикува одлуката на компанијата, а многумина ја нарекуваат неправедна и алчна, потсетувајќи дека со години користеле бесплатен простор за складирање.
Snapchat во април објави дека ја надминал бројката од 900 милиони активни месечни корисници – додека ривалите како Instagram и TikTok можат да се пофалат со милијарди.
Дру Бенви, основач и главен извршен директор на консултантската куќа за социјални медиуми Battenhall, верува дека на крајот сите платформи за социјални медиуми ќе наплаќаат за складирање на податоци.
„Патот кон наплата за складирање податоци на социјалните мрежи е неизбежен“, изјави Бенви.