Microsoft Teams воведува надградба што ќе овозможи отворање на каналите во посебни прозорци. Оваа функционалност, која веќе постои за разговорите (chat), треба значително да ја подобри продуктивноста и да го олесни работењето.
Откако корисниците се навикнаа на можноста за „искачање“ на разговорите во посебни прозорци, Microsoft конечно одлучи истата функција да ја воведе и за каналите. Како што пренесува TechRadar, оваа надградба треба значително да го олесни мултитаскингот и истовременото следење на повеќе различни тимски разговори.
Способноста за паралелно управување со разговори и канали станува сè поважна, особено при соработка со различни колеги и тимови. Од Microsoft во својата објава за развојниот план појаснија:
„Сега можете да ги отворате каналите во посебен прозорец за да следите повеќе разговори истовремено.“

Иако Microsoft веќе подолго време ја поддржува опцијата „pop-out“ за приватни и групни разговори, каналите досега беа изоставени. Корисниците мораа рачно да го менуваат големината на главниот прозорец на апликацијата за да ги споредуваат белешките од повеќе разговори, па затоа воведувањето на оваа опција за каналите беше природен и очекуван чекор. Според моменталните информации, Microsoft планира да започне со воведување на оваа новина веќе следниот месец за десктоп корисниците. Сепак, треба да се напомене дека функционалноста сè уште е во развој и можно е да има доцнења.
Оваа надградба е само дел од пошироката стратегија со која Microsoft настојува платформата Teams да ја направи поинтерактивна и поефикасна. Еден поглед на развојниот план открива бројни новитети насочени кон поедноставни и побрзи интеракции. На пример, до крајот на годината Teams ќе може автоматски да ја ажурира вашата работна локација преку препознавање на Wi-Fi мрежи.
Неделава беа воведени и т.н. „threads“ (нишки) во рамки на каналите, кои им овозможуваат на корисниците да одговараат на пораки во одделни разговори без да се преоптоварува главниот канал, со што се одржува прегледноста.
Сите овие промени имаат јасна цел: да им помогнат на корисниците да работат поумно, да ги автоматизираат рутинските задачи и максимално да го искористат времето поминато во Teams, како што појасни Кери Перез Хефернан од Microsoft.


