OpenAI официјално лансираше нови интеграции кои овозможуваат управување со други апликации директно од ChatGPT – па така можете да направите плејлиста во Spotify или да пребарувате недвижности на Zillow, без да го напуштите четботот.
Ова е слично на „мини“ апликациите кои платформи како Telegram и Discord ги вградија во своите системи, или на екстензиите што овозможуваат контрола на музички плеери преку Dynamic Island на iPhone — но со вештачко-интелигентен пресврт. Со овие интеграции, можете да продолжите да разговарате со ChatGPT и истовремено да му давате инструкции како да комуницира со одредена апликација.
Неколку сервиси веќе започнаа тестирање на свои вградени интерфејси во ChatGPT, а подолу се прикажани најпознатите.
Spotify
Интеграцијата со Spotify овозможува поврзување на вашиот акаунт со ChatGPT, по што можете да пребарувате нови албуми, да побарате плејлиста со вашите омилени рок бендови или да добиете препораки за музика и подкасти според разговорот што го имате со четботот.
Spotify наведува дека бесплатните корисници можат да пристапат до постоечки плејлисти како New Music Fridayи Discover Weekly, додека Premium корисниците можат да генерираат „свежа и целосно персонализирана селекција песни“.
Canva
Апликацијата Canva во ChatGPT овозможува создавање, преглед и уредување на дизајни директно во интерфејсот на четботот. Сега можете да напишете, на пример, „Создај Instagram објава за нашата претстојна распродажба“ — и Canva ќе генерира целосен преглед на дизајнот на екран, кој потоа може да се доработува со дополнителни инструкции. Кога ќе бидете задоволни со изгледот, можете да го отворите дизајнот во самата Canva за понатамошно уредување.
Figma
Како и Canva, Figma интеграцијата овозможува создавање дијаграми врз основа на фајлови од вашиот компјутер, предлагање измени во постојни графикони, како и идеи за визуелизација на информации. Со притискање на копчето Edit in Figma, можете веднаш да продолжите со уредување.
Zillow
Zillow претстави сопствена ChatGPT апликација што пристапува до базата на податоци за недвижности за да најде домови што одговараат на вашите желби. Може да прашате нешто како „Кои домови можам да си дозволам во близина?“ или „Покажи ми куќи со голем двор“, и интеграцијата на Zillow ќе прикаже резултати со фотографии, мапи и цени.
Моментално, апликацијата поддржува изнајмување и продажба на домови од сопственици и агенти, но во иднина ќе се додаваат функции како објави за новоградби и 3D тури.
Expedia и Booking.com
ChatGPT веќе е популарен алат за планирање патувања, а интеграцијата со Expedia овозможува уште повеќе. Можете да побарате, на пример, „хотелска соба во Њујорк под 400 долари во ноември“, а апликацијата ќе прикаже листа хотели, летови, мапа и ажурирани информации за цена и достапност.
Booking.com исто така лансираше слична интеграција.
Coursera
Coursera воведе ChatGPT апликација што овозможува пристап до видеа и информации од нивната онлајн образовна платформа. Можете да побарате лекција за одредена тема, а ChatGPT може и сам да ви препорача содржина од Coursera во текот на разговорот.
Други апликации што доаѓаат
OpenAI потврди дека наскоро ќе бидат достапни и интеграции со Uber, DoorDash, Instacart, OpenTable, Target, Peloton, Tripadvisor и AllTrails. Во моментов, овие апликации не се достапни за корисниците во Европската унија.
Подоцна годинава, OpenAI ќе им овозможи на поширок круг програмери да поднесуваат свои ChatGPT апликации, кои ќе бидат прикажани во каталог што корисниците ќе можат да го прелистуваат. Според насоките на компанијата, апликациите треба да бидат „корисни, доверливи и доследни на искуството со ChatGPT“, нудејќи реална вредност преку услуги како резервација превоз, нарачување храна, проверка достапност или следење на испораки.
OpenAI додава дека развивачите не треба да создаваат апликации за долги текстови, сложени процеси, реклами или „неповрзани пораки“.