OpenAI и AMD ги здружуваат силите во повеќегодишен договор вреден повеќе милијарди долари за изградба на AI центри и развој на чипови од новата генерација
OpenAI и AMD склучија стратешки договор вреден повеќе милијарди за соработка во развојот на AI чипови.
Во понеделник, OpenAI потпиша повеќегодишен договор со компанијата Advanced Micro Devices (AMD), со што продолжува инвестициониот бран насочен кон обезбедување огромна компјутерска моќ потребна за проширување на генеративната вештачка интелигенција.
Според планот, компаниите заедно ќе развијат AI дата центри кои се очекува да донесат десетици милијарди долари приходи за AMD во следните пет години. По објавувањето на договорот, акциите на AMD пораснаа дури за 35%, бидејќи компанијата ќе испорача процесори на OpenAI со вкупна моќност од шест гигавати.

Овој потег е дел од пошироката AI експанзија со која OpenAI се обидува да ја зацврсти водечката позиција во глобалната трка за генеративна интелигенција. Компанијата го надгледува проектот Stargate, кој предвидува инвестиција од 500 милијарди долари до 2029 година за изградба на огромни дата центри во Тексас, Ново Мексико и уште една, за сега тајна локација во американскиот Среден Запад.
Договорот со AMD доаѓа по договорот со Nvidia, вреден над 100 милијарди долари, со кој се обезбедува дополнителна опрема за проширување на AI капацитетите на OpenAI. Иако Nvidia е доминантна во областа на GPU процесори, со екосистем цврсто интегриран во AI софтверот, OpenAI сака да ја намали зависноста од една компанија, токму преку диверзификација на добавувачите на чипови што ги користи.
OpenAI и AMD склучуваат стратешко партнерство за иднината на вештачката интелигенција
„Ова е дополнување на нашиот труд со Nvidia и дури планираме да ја зголемиме набавката на нивните GPU-ови. Светот има потреба од многу повеќе компјутерска моќ…“, напиша Сам Алтман, директор на OpenAI, на социјалната мрежа X.
AMD, кој најголем дел од приходите ги остварува од централни процесори за компјутери, сега се позиционира како клучен партнер во AI индустријата. Овој договор доаѓа во момент кога AMD се обидува да го стигне Nvidia, но и да се одржи пред растечката конкуренција од Кина, пред сè компанијата Huawei, како и Amazon и Google кои развиваат свои AI чипови.

Според условите на договорот, AMD ќе му издаде на OpenAI 160 милиони „warrants“, односно финансиски инструменти кои овозможуваат купување акции под определени услови, со што OpenAI потенцијално добива можност да преземе околу 10% удел во AMD.
Покрај AMD и Nvidia, OpenAI неодамна потпиша договори и со Samsung и SK Hynix од Јужна Кореја, што укажува на сериозна стратегија за диверзификација и долгорочно обезбедување на хардверски ресурси за AI инфраструктурата.
Иако компанијата сè уште работи со големи трошоци и без профит, нејзината пазарна вредност ја надмина 500 милијарди долари, со што OpenAI стана највредната приватна компанија во светот, пред SpaceX во сопственост на Илон Маск.
Со овој договор, OpenAI потврдува дека планира да биде не само водечки развоен центар за вештачка интелигенција, туку и клучен двигател на технолошката индустрија во ерата на масовна AI трансформација, пренесува MSN.


