Два огромни, вкрстени прстени на радио-емисија се откриени во далечна галаксија, а овој мистериозен феномен е наречен „чуден радио-круг“.
Астрономите открија фасцинантна галаксија опкружена со два огромни, вкрстени прстени на радио-емисија, од кои секој има пречник од околу 300.000 светлосни години. Оваа ретка и необична појава, која научниците ја нарекоа Odd Radio Circle (ORC), беше откриена благодарение на волонтерите од програмата RAD@home Astronomy Collaboratory со седиште во Мумбаи. Двете структури се наоѓаат во рамките на уште поголема радио-маглина што се протега дури три милиони светлосни години.
Феноменот ORC првпат беше забележан пред само шест години, а неговото потекло сè уште претставува мистерија. Научниците претпоставуваат дека може да настане како резултат на ударни бранови при спојување на црни дупки или галаксии. Повеќето познати ORC објекти се дури 10 до 20 пати поголеми од Млечниот Пат, но досега е откриен само мал број примери.

Две колосални светлосни структури откриени во вселената
Најновото откритие, наречено RAD J131346.9+500320, е најдалечниот и најмоќниот ORC досега. Тој се наоѓа толку далеку што го гледаме онаков каков што бил кога вселената имала само половина од својата сегашна старост, односно околу 6,9 милијарди години. Особено е фасцинантно што се состои од два преклопени прстена – нешто што досега е забележано само еднаш.
Основачот на програмата, Ананда Хота, изјави дека ORC објектите се „меѓу најбизарните и најубавите космички структури што некогаш сме ги виделе“ и дека можат да помогнат во разбирањето на начинот на кој галаксиите и црните дупки еволуираат заедно.
Овој ORC е воедно и првиот откриен со помош на мрежата LOFAR телескопи распоредени низ цела Европа. Ваквите структури можат да се детектираат исклучиво преку радио-телескопи, бидејќи не емитуваат видлива светлина.
Интересно е што откритието е резултат на рачна анализа на вселенски мапи – волонтерите со сопствени очи забележале обрасци кои компјутерите не ги откриле. Резултатите се објавени во списанието Monthly Notices of the Royal Astronomical Society.
Научниците веруваат дека овие структури можеби настануваат како последица на моќни галактички ветрови што исфрлаат материја длабоко во вселената, обликувајќи ја во прстенести формации.
Покрај овој двоен прстен, истражувачите пронашле уште два интересни примери. Во галаксијата RAD J122622.6+640622, долга три милиони светлосни години, еден од млазовите од јадрото се свиткал во облик на прстен широк 100.000 светлосни години. Втората галаксија, RAD J142004.0+621715, покажува сличен прстен на врвот од еден од млазовите, додека од другата страна се протега тесен контра-млаз.
Како што истакнуваат авторите на студијата, ваквите објекти откриваат дека галаксиите можат да ја обликуваат својата околина многу посложено отколку што се мислело досега, пренесува Mashable.
Според зборовите на Пратик Дабхаде од Националниот центар за нуклеарни истражувања во Полска, ORC и сличните радио-прстени „не се осамени космички куриозитети, туку дел од поширокото семејство егзотични плазма-структури обликувани од млазевите на црните дупки и нивната околина“.


