Новиот Samsung ISOCELL HP5 носи резолуција од 200 MP, напредни HDR технологии и до 6x зум без загуба на квалитет на сликата.
Samsung официјално го претстави својот најнов 200 MP сензор за камери на паметни телефони, под името ISOCELL HP5. Иако е помал од претходните модели, компанијата тврди дека нуди значително подобар квалитет на фотографиите и видеата, благодарение на новите технологии за обработка на светлина и намалување на шумот.
ISOCELL HP5 е сензор со големина 1/1.56 инчи, резолуција од 200 MP (16.384 x 12.288 пиксели) и големина на пиксел од само 0,5 µm — најмала досега во понудата на Samsung. Во споредба со постарите модели, користи унапредени технологии Dual Vertical Transfer Gate (D-VTG) и Front Deep Trench Isolation (FDTI), кои го зголемуваат капацитетот на секој пиксел да прими повеќе светлина без презаситување.

ISOCELL HP5: најмал, но најнапреден 200MP сензор досега
Подобрената верзија на технологијата Samsung Deep Trench Isolation (DTI), наречена DTI Center Cut (DCC), отвора дел од каналите помеѓу четири фотодиоди за попрецизен автофокус и помал шум. Компанијата наведува дека е постигнато 150% поголемо засилување на конверзијата и до 40% помал случаен шум, што особено го подобрува квалитетот на фотографиите при слабо осветлување.
На ниво на микро леќи, ISOCELL HP5 користи прецизна микролеќеста структура која ја насочува светлината точно во центарот на пикселот, додека анти-рефлексниот слој со висока пропустливост го намалува губењето на светлина и одблесоците. Благодарение на оксидниот изолациски слој, пречките помеѓу пикселите се дополнително намалени.

Сензорот овозможува 2x оптички зум во рамките на самиот чип, а кога се комбинира со 3x оптички зум на објектив, се постигнува 6x зум без загуба на квалитет. За фокусирање користи Super QPD (Phase Detection Autofocus) систем.
Samsung интегрирал и две клучни HDR технологии:
- Smart ISO Pro, која истовремено комбинира снимки со ниски и високи ISO вредности и создава 13-битни слики со до 550 милијарди бои.
- Staggered HDR, која спојува експозиции со различно траење во една фотографија со извонреден динамички опсег.

Сензорот може да направи 200 MP фотографија со помош на remosaic алгоритам за помалку од две секунди, и поддржува снимање на видео до 8K при 30 fps, 4K при 120 fps и Full HD при 240 fps. Исто така поддржува RAW формат во 8-, 10-, 12- и 14-битни верзии.
Првите телефони со ISOCELL HP5 сензор
Според достапните информации, OPPO Find X9 Pro ќе биде првиот уред што ќе го користи ISOCELL HP5 во телефото камерата, а неговото претставување се очекува на 16 октомври. Се очекува и други кинески брендовида го интегрираат овој сензор во своите модели, додека Samsung веројатно нема да го користи HP5 во Galaxy серијата, барем не во блиска иднина.

Новиот ISOCELL HP5 јасно покажува дека Samsung продолжува да ја унапредува фотографската технологија во мобилните уреди, намалувајќи ги димензиите на сензорите, а зголемувајќи ја прецизноста и квалитетот на секој пиксел.


