Европската фудбалска организација, УЕФА подготвува тендер за нов, шестгодишен циклус за продажба на правата за пренос на клупските натпревари, со цел да оствари приход од најмалку 5 милијарди евра по сезона.
Европските фудбалски клубови би можеле наскоро да почнат да остваруваат значително поголеми приходи од продажбата на телевизиски права, бидејќи УЕФА на овој начин планира да обезбеди повеќе од пет милијарди евра годишно. Претставниците на кровната европска фудбалска организација веруваат дека тоа е минимален износ што може да се постигне со продажба на правата за Лигата на шампиони, Лигата на Европа и Конференциската лига во новиот ТВ циклус.
Новите договори треба да стапат на сила од 2027 година и ќе претставуваат значително зголемување во однос на сегашниот договор, кој е склучен во 2024 година и изнесува околу 3,3 милијарди евра годишно. Се очекува тендерот за новите права да биде објавен овој месец, а првпат веројатно ќе вклучува обврска за шест години, што е двојно подолго од досегашната практика.

Стриминг сервисите влегуваат во игра
Една од клучните новости во претстојниот тендер е можноста и стриминг сервисите, како Amazon Prime, DAZN, Disney или Netflix, да купат права за пренос на еден одбран натпревар по коло од натпреварувањето. Засега не е познато колку долго ќе се применува ваквата практика во текот на сезоната, но јасно покажува отворање на УЕФА и на фудбалските преноси кон дигиталните платформи.
Се воведува и промена во самиот процес на наддавање. Телевизиските куќи и други понудувачи ќе можат истовремено да се натпреваруваат за права на повеќе пазари, што значи дека не е исклучено Netflix или некој сличен сервис да купи глобални права и Лигата на шампиони кај нас да се пренесува (ексклузивно или, што е веројатно, делумно) преку тој сервис. Првите информации велат дека Netflix е заинтересиран за влез на овој пазар, бидејќи веќе има искуство со спортски преноси, а на пример, конкурентот Apple веќе има права за пренос на американската фудбалска лига MLS.
Според актуелниот модел на распределба на приходите од ТВ правата на УЕФА, најголемиот дел од колачот оди кај клубовите што се натпреваруваат во Лигата на шампиони, кои делат речиси 75% од вкупниот износ. Клубовите што настапуваат во Лигата на Европа добиваат 17%, додека преостанатите 8% од приходите се распределуваат на учесниците во Конференциската лига.

