Samsung го подготвува својот прв тројно преклопен паметен телефон, но официјалниот датум на лансирање сè уште не е објавен. Новиот уред, за кој се шпекулира дека ќе го носи името Galaxy Z TriFold, според патентните скици ќе има три одделни батерии.
Според патентната документација објавена на KIPRIS, батериите ќе бидат поставени во трифолд моделот на Samsung, кој се очекува да биде претставен до крајот на годината.
Бидејќи станува збор за тројно преклопен уред со три сегменти, секој сегмент ќе има своја батерија. Најмалата батерија (T1) се наоѓа во сегментот со тројната задна камера, најголемата (T2) е поставена во централниот сегмент кој се преклопува помеѓу останатите два, додека средната батерија (T3) е сместена во делот со надворешниот екран.
Како што пренесува GSMArena, капацитетите на батериите и брзината на полнење сè уште не се откриени, но се очекува подобрување во однос на Galaxy Z Fold7, кој имаше батерија од 4.400 mAh и поддршка за 25W жично полнење.

Првичните информации сугерираа дека Galaxy Z TriFold ќе биде достапен само во Јужна Кореја и Кина, но најновите шпекулации укажуваат дека уредот би можел да пристигне и на американскиот пазар.
Според најновите извештаи, претставувањето на уредот може да се случи кон крајот на овој месец.
Samsung, исто така, наскоро треба да го претстави и својот прв Android XR хедсет, познат под кодното име Project Moohan. Предрегистрациите во Јужна Кореја започнуваат на 15 октомври, а лансирањето е закажано за 22 октомври.


