Европската комисија денеска претстави две нови стратегии наречени „Apply AI“ и „AI in Science“, со цел да го забрза усвојувањето на вештачката интелигенција (AI) во европската индустрија, јавниот сектор и научните истражувања.
Со овие стратегии, Комисијата сака да ја позиционира Европа на врвот на глобалната трка за развој и примена на AI, со акцент на безбедност, одговорна употреба и иновации.
„Сакам иднината на вештачката интелигенција да биде создадена во Европа. Кога ВИ се користи правилно, можеме да најдеме попаметни, побрзи и поефикасни решенија. Овие стратегии ќе помогнат да се забрза процесот на нејзино усвојување, со фокус на безбедноста и довербата“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Apply AI Strategy: забрзување на примената на AI во индустријата и јавниот сектор
Стратегијата „Apply AI“ има за цел да ја поттикне употребата на ВИ во стратешките индустрии – здравство, енергетика, мобилност, производство, фармацевтска индустрија, земјоделство, одбрана, комуникации и култура.
Еден од приоритетите е поддршка на малите и средни претпријатија (МСП), преку специјализирани програми и финансиска помош за интеграција на ВИ во нивното работење. Комисијата најави дека ќе мобилизира околу 1 милијарда евра за спроведување на конкретни мерки, вклучувајќи центри за напредно скрининг користејќи ВИ во здравството, како и развој на „frontier“ и „agentic AI“ модели применливи во производството, животната средина и фармацевтиката.
За подобра координација, ќе биде формирана Apply AI Alliance – форум што ќе ги обедини индустријата, јавниот сектор, академијата и граѓанското општество, додека AI Observatory ќе го следи напредокот и влијанието на ВИ во различни сектори.
AI in Science Strategy: Европа како центар на AI-науката
Втората стратегија – „AI in Science“ – ја позиционира ЕУ како водечки центар за научни истражувања засновани на вештачка интелигенција. Главниот столб е RAISE (Resource for AI Science in Europe), виртуелен институт кој ќе ги обедини ресурсите за развој и примена на ВИ во науката.
Стратегијата предвидува:
- 58 милиони евра за пилот-програмата RAISE и докторски мрежи за обука на млади истражувачи;
- 600 милиони евра од Horizon Europe за зголемување на компјутерските капацитети достапни за научници и стартапи;
- зголемување на годишните инвестиции во АИ преку Horizon Europe на повеќе од 3 милијарди евра;
- поддршка за собирање и интеграција на стратешки научни податоци потребни за развој на ВИ.
Следни чекори
До крајот на октомври Европската комисија ќе ја претстави Стратегијата за Податоци (Data Union Strategy), која ќе овозможи полесен пристап до висококвалитетни податоци за компаниите и јавниот сектор.
На 3 и 4 ноември 2025 година, во Копенхаген ќе се одржи AI in Science Summit, каде што ќе бидат презентирани конкретни иницијативи и партнерства произлезени од новите стратегии.
Со „Apply AI“ и „AI in Science“, Европската унија го прави следниот голем чекор во реализацијата на својата визија – Европа да стане континент на доверлива и напредна вештачка интелигенција.