Sony и AMD работат на нова GPU архитектура со Radiance јадра за PS6, која ќе донесе подобри ray tracing перформанси и поголема ефикасност.
Sony потврди дека работи на следната генерација на својата конзола – PlayStation 6, која ќе пристигне за неколку години и ќе има целосно нова GPU технологија развиена во соработка со AMD. Во видео објавено на YouTube каналот на AMD, главниот архитект на PlayStation конзолите, Марк Церни, и Џек Хуин, потпретседател на одделот за графика и компјутерски технологии во AMD, ги претставија првите детали од заедничкиот проект.
Церни објасни дека сегашниот пристап кон рендерирањето ги достигнал своите граници, па затоа Sony и AMD развиваат нова RDNA архитектура која ќе овозможи понапреден ray tracing и path tracing – технологии што создаваат пореалистично осветлување и сенки во игрите.

Sony и AMD ги развиваат Radiance јадрата за PS6
Новата GPU архитектура ќе воведе Radiance јадра – AMD-ов одговор на Nvidia RT јадрата – кои ќе бидат специјално дизајнирани за обработка на ray tracing ефекти. Со тоа се ослободуваат други компоненти на GPU-то за да се фокусираат на обработка на текстури и шejдери, што ги зголемува вкупните перформанси и стабилноста.
Дополнително, Sony работи на подобрување на техниката за компресија на податоци. Наместо системот Delta Color Compression што се користеше кај PS5, новиот GPU ќе користи Universal Compression, кој ги компресира сите елементи на рендерирањето. Според зборовите на Хуин, ова ќе овозможи повеќе детали, поголем број фрејмови и подобра енергетска ефикасност.
AI подобрување на сликата и енергетска ефикасност
PS6 ќе ја користи и најновата AMD FSR Redstone технологија за подобрување на сликата со помош на вештачка интелигенција, која вклучува функции како Neural Radiance Caching. Овие иновации треба да овозможат повисока резолуција и поквалитетен приказ со помала потрошувачка на енергија.
Интересно е што дел од оваа технологија би можел да се користи и во потенцијалната рачна PlayStation конзола, за која сè почесто се зборува. Помалата потрошувачка и оптимизираното GPU оптоварување се идеални услови за моќен, пренослив уред.
Со тоа, Sony повторно покажува дека размислува долгорочно – иако PS5 и PS5 Pro сè уште се актуелни, компанијата веќе ги поставува темелите за следната генерација која ќе донесе понапредна графика, подобра енергетска ефикасност и поголема флексибилност за различни уреди, пренесува The Verge.


