Претстојното ажурирање на оперативниот систем носи промени насочени кон побрз пристап до апликациите преку нови прегледи и дизајн кој автоматски се прилагодува на големината на екранот, што треба да го направи користењето поинтуитивно.
Microsoft на својот блог ги опиша претстојните значајни измени во Start менито на оперативниот систем Windows 11, кои засега се достапни во Windows 11 Insider Preview Build 27965, во развојната Canary верзија. Редизајнот се воведува со цел полесно стартување на апликациите и подобра искористеност на просторот на екранот.
Подобрена организација
Првата клучна новина е ажурираното мени кое ќе го постави прегледот на сите апликации во главниот дел на Start менито, елиминирајќи ја потребата од дополнителен клик и навигација кон секундарна страница. Дополнително, претставени се два нови начини на прикажување на инсталираните апликации во секцијата „Сите апликации“.
Првиот, наречен Category view, ќе стане стандардниот приказ и автоматски ќе ги групира апликациите според нивната намена (слично како кај мобилните оперативни системи). Системот ќе формира категории кога ќе открие најмалку три инсталирани апликации од иста група, додека останатите ќе бидат под ознаката „Друго“.
Вториот нов начин е Grid view, кој – слично на постоечкиот список – ги подредува апликациите по азбучен ред, но користи повеќе хоризонтален простор за подобра прегледност. Системот ќе го запомни последниот користен приказ, па секој корисник ќе може секогаш да го користи оној што најмногу му одговара.
Прилагодлив дизајн
Покрај функционалните промени, Start менито станува и поодзивно. Неговата големина автоматски ќе се прилагодува на големината на екранот на уредот. Така, корисниците со поголеми екрани ќе имаат поголемо мени со приказ до осум колони на апликации и шест препораки, додека на помалите уреди ќе се прикажуваат шест колони со закачени (pinned) апликации и четири препораки.
Прилагодливоста ќе биде видлива и во самите секции на менито. На пример, ако корисникот има мал број закачени апликации, тој дел ќе се намали на само еден ред, ослободувајќи простор за другите елементи. Слично на тоа, секцијата со препораки може целосно да се сокрие, со што ќе се добие повеќе простор за прикажување на инсталираните апликации.