Samsung за помалку од две недели треба да го претстави Galaxy XR – својот прв VR наглавен уред кој го развива целосно самостојно, од темел.
Долго најавуваниот VR наглавен уред на Samsung, познат под кодното име Project Moohan, сега е целосно откриен. Уредот, според сите информации, ќе се вика Galaxy XR, а официјалното претставување се очекува на 21 октомври.
Според протечените, но сè уште неофицијални спецификации, Galaxy XR ќе има два 4K micro-LED екрани со 4.032 пиксели по инч, што дава вкупно дури 29 милиони пиксели — значително повеќе отколку што нудат Apple Vision Pro или Meta Quest 3.
Уредот ќе биде напојуван од процесорот Qualcomm Snapdragon XR2+ Gen 2, додека системот од камери и сензори ќе овозможува следење на движењето на рацете, очите и околината. На предната страна ќе има четири сензори, а два ќе бидат поставени на долниот дел за следење на движењето. Сензорот за близина ќе се грижи за безбедноста на корисникот, детектирајќи ѕидови и предмети во просторијата. Внатрешните камери ќе го следат движењето на очите, а дополнителната обработка со вештачка интелигенција ќе ја зголемува прецизноста на следењето, пишува Android Headlines.
Samsung посебно внимание посветил на удобноста и ергономијата, па така наглавниот уред има меки перничиња, прилагодлива лента за глава, како и touchpad и копчиња за вклучување и контрола на гласноста. Напојувањето се доведува преку кабел од левата страна на лентата, додека од десната страна се наоѓа контролна табла.
Траењето на батеријата се проценува на околу 2 часа при стандардна употреба и до 2,5 часа при гледање видеа. Уредот тежи 545 грама — нешто помалку од Apple Vision Pro, но малку повеќе од Meta Quest 3.
Galaxy XR ќе пристигне и со пар контролери што поддржуваат хаптичка повратна информација, што ќе биде особено корисно во игри и 3D апликации. Првите прикажани слики од софтверот откриваат и нов интерфејс наречен One UI XR, специјално прилагоден за проширена и виртуелна реалност.
Иако Samsung сè уште нема официјално потврдено датум на претставување, речиси сите извори укажуваат дека Galaxy XR ќе биде презентиран на 21 октомври, а почетната цена се проценува на најмалку 1.800 долари.