iPhone 17 Pro Max не функционира толку мазно во реална употреба како водечкиот Android модел – Galaxy S25 Ultra
Иако iPhone 17 Pro поседува моќен процесор A19 Pro и оптимизиран iOS систем, најновиот тест покажува дека сепак флегшипот на Apple не е најбрзиот уред на пазарот. Интересно е што во овој тест, YouTube каналот PhoneBuff користел прецизна роботска рака која истовремено управувала со iPhone 17 Pro Max и Samsung Galaxy S25 Ultra, отворајќи популарни апликации како Facebook, Starbucks, Word и Excel, како и задачи за обработка на фотографии и видеа.
Во првата фаза од тестот, во која апликациите требало да се стартуваат од нула, Galaxy S25 Ultra ја заврши серијата задачи за 2 минути и 2 секунди, односно 14 секунди побрзо од iPhone 17 Pro Max, кој постигна резултат од 2 минути и 16 секунди.

Galaxy S25 Ultra покажа подобри резултати од iPhone 17 Pro Max во реален тест на брзина
Во втората рунда, кога апликациите веќе беа активни во позадина, iOS покажа предност: iPhone 17 Pro Max го заврши циклусот за 47 секунди, додека Galaxy S25 Ultra заостануваше само две секунди, со резултат од 49 секунди.
Деталната анализа покажа дека Apple телефонот губеше време главно при обработката на фотографии во апликацијата Snapseed и при рендерирањето на видео содржини во апликацијата Edits, каде што Galaxy S25 Ultra беше значително побрз. Во сите други сегменти, перформансите беа речиси идентични.
За просечните корисници, ваквите мали разлики веројатно нема да бидат забележливи во секојдневната употреба. Сепак, тестот потврдува дека најновиот флегшип на Samsung сè уште има предност кога станува збор за сурова брзина на обработка и оптимизација на задачи кои вклучуваат повеќе процеси истовремено.


