Новиот систем за ладење на Red Magic ќе се појави во претстојниот флегшип модел на компанијата – Red Magic 11 Pro, кој веројатно нема да биде достапен на глобалниот пазар.
Red Magic, поранешниот гејминг подбренд на ZTE, одржа конференција во Шенжен посветена на технологијата за ладење на мобилни уреди, на која го претстави своето досега најнапредно решение – комбинација од активно течно и воздушно ладење во паметен телефон. Според компанијата, ова е првиот сериски произведен систем од ваков вид во индустријата.
Системот функционира на принцип сличен на оној во гејминг компјутерите и серверите, каде пумпа ја циркулира течноста за ладење преку топлинските зони и ја пренесува топлината кон радијатор и вентилатор. Red Magic, како што тврдат, значително ги намалил сите компоненти за системот да може да се смести во куќиштето на паметен телефон, вклучувајќи и пиезокерамичка микропумпа развиена по илјадници итерации на дизајн. Течноста што се користи се базира на флуорирани соединенија и, наводно, ја задржува ефикасноста при температури од -40 до 70 °C.

Покрај тоа, за зголемување на издржливоста, инженерите на Red Magic примениле технологија на нискотемпературно спојување и специјални мембрани отпорни на продирање, што, според компанијата, треба да му овозможи на уредот да издржи бројни падови.
Новиот систем првпат ќе се појави во моделот Red Magic 11 Pro, кој ќе го напојува процесорот Snapdragon 8 Elite Gen 5. Благодарение на овој систем за ладење, од Red Magic велат дека телефонот ќе може да одржува високи перформанси во барачки мобилни игри, при 2K резолуција и 144 Hz.

