Apple денеска го освежи основниот 14-инчен MacBook Pro модел со својот нов M5 чип, кој е достапен и во новите iPad Pro и Vision Pro модели.
Како и претходниот M4, новиот M5 чип има 10-јадрен CPU, 10-јадрен GPU и 16-јадрен Neural Engine. Компанијата наведува дека M5 нуди до 20 проценти побрзи CPU перформанси при одредени задачи, како што е компајлирање на код, и до 1.6× побрза графика во професионални апликации. Пропусниот опсег на меморијата е зголемен од 120GB/s на 153GB/s.

Во однос на дизајнот, нема големи промени — основниот модел сè уште има Liquid Retina XDR екран со до 1.000 нити осветленост во SDR и 1.600 нити во HDR, три Thunderbolt 4 порти, HDMI порт, отвор за SD картичка, 3.5мм приклучок за слушалки, MagSafe 3 магнетски приклучок за полнење, како и осветлена Magic тастатура со Touch ID копче.
Новиот 14-инчен MacBook Pro со M5 чип може да се преднарача од денес, а ќе почне да пристигнува кај корисниците и во продавниците од среда, 22 октомври. Во САД, почетната цена е 1.599 долари, за модел со 512GB простор и 16GB RAM. Ќе биде достапен во Silver и Space Black варијанти.

Основниот модел сега може да се конфигурира со до 4TB простор за складирање, наместо претходните 2TB, додека максималната RAM останува 32GB.
Apple наведува дека 14-инчниот MacBook Pro продолжува да нуди до 24 часа траење на батеријата, и сè уште користи Wi-Fi 6E, наместо Wi-Fi 7. Новиот модел доаѓа со 70W USB-C адаптер за напојување, освен во Европа.

Денешната најава не ги опфаќа помоќните модели – 14-инчниот и 16-инчниот MacBook Pro со M5 Pro и M5 Max чипови, кои се очекува да пристигнат во почетокот на 2026 година.

