Социјалната мрежа мрежа Instagram воведува построги поставки за профилите на тинејџерите, со цел да воведе нови ограничувања за тоа каква содржина децата можат да гледаат на платформата. Постарите тинејџери, исто така, повеќе нема да можат да ги исклучат стандардно поставените построги опции без одобрение од родителите.
Meta првпат ги претстави тинејџерските профили на Instagram пред една година, кога започна автоматски да ги префрла тинејџерите на „позатворени“ профили со повисоки нивоа на приватност и родителска контрола. Компанијата неодамна ги воведе овие профили и на Facebook и Messenger, користејќи алатки со вештачка интелигенција за откривање корисници кои лажно ја наведуваат својата возраст.
Иако овие профили беа создадени како одговор на долготрајните критики за тоа како Meta ја штити безбедноста на тинејџерите во своите апликации, многумина ги оценија мерките како недоволни за вистинска заштита на најранливите корисници. Според неодамнешен извештај на организацијата Heat Initiative, „младите корисници на Instagram и понатаму се изложени на небезбедна содржина и несакани пораки во загрижувачки високи стапки, и покрај користењето тинејџерски профили“. Meta овој извештај го оцени како „длабоко субјективен“.
Сега, Meta дополнително ги ограничува тинејџерските профили. Со најновите промени, тинејџерите повеќе нема да можат да следат или гледаат содржина од профили кои „редовно споделуваат материјал несоодветен за возраста“ или кои, врз основа на биографијата или корисничкото име, се сметаат за „неприлагодени за возраста“. Meta дополнително ќе ги блокира овие профили да се појавуваат во препораките или резултатите од пребарувањето.
Instagram исто така ќе блокира „поширок опсег на поими за пребарување наменети за возрасни“ – меѓу нив и зборови како „алкохол“, „крвопролевање“, како и намерно погрешно напишани зборови, кои честопати се користат за да се заобиколат филтрите на платформата. Дури и ако профил што тинејџерот веќе го следи објави содржина што ги прекршува овие правила, Instagram ќе се обиде да спречи тинејџерите да ја видат, дури и ако им е испратена во приватна порака.
Иако овие промени можат да изгледаат како уште еден обид на Meta да ги затвори очигледните празнини во безбедносните мерки, компанијата вели дека целта е искуството на тинејџерите на Instagram да биде „слично на филм со PG-13 рејтинг“ (родителска препорака за гледачи над 13 години).
„Како што може да се појави сугестивна содржина или непристоен јазик во филм со PG-13 рејтинг, така и тинејџерите повремено може да наидат на слична содржина на Instagram – но ние ќе продолжиме да правиме сè што можеме за тие случаи да бидат исклучително ретки“, објаснија од компанијата.
Оваа споредба можеби е малку нејасна, бидејќи филмовите со PG-13 покриваат широк спектар на содржина. Од Meta додаваат дека нивните правила за тинејџери во некои случаи се уште построги – на пример, платформата се обидува да спречи тинејџерите да гледаат „сексуално сугестивна“ содржина или слики со „делумна голотија“, иако такви сцени понекогаш се дозволени во филмови со PG-13 рејтинг.
За родителите кои сакаат уште построга контрола, Instagram додава нова опција за „ограничена содржина“, која филтрира уште повеќе материјали, иако деталите за неа сè уште не се познати.
Оваа поставка исто така спречува тинејџерите да пристапуваат до коментари – било на нивните објави, било на туѓи. Конечно, Meta тестира нова функција за пријавување, која им овозможува на родителите што користат алатки за родителски надзор да означат објави што ги сметаат за несоодветни, со цел компанијата да може дополнително да ги анализира.
Од Meta велат дека овие промени ќе се воведуваат постепено за тинејџерските профили во САД, Велика Британија, Канада и Австралија, а потоа ќе бидат додадени и „дополнителни безбедносни мерки за тинејџерите“ на Facebook.