iPhone 18 Pro моделите следната година треба да добијат значително подобрена задна камера со променлива бленда, пренесува ETNews.
Во извештајот на корејскиот медиум се наведува дека само iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max ќе ја имаат оваа камера, која ќе ја замени главната широка камера на задната страна и ќе биде поставена покрај ултра-широката и телефото камерата.
Променливата бленда му овозможува на фотоапаратот да ја прилагоди количината на светлина што пристигнува до сензорот. Тоа значи дека во темни услови, блендата може да се отвори за да пропушти повеќе светлина, додека во светли услови може да се затвори за да се спречи преголема експозиција. Исто така, ова ќе им овозможи на корисниците поголема контрола врз длабочината на полето, односно колку остро изгледа субјектот во преден план во споредба со заднината.
Apple веќе ги продолжува плановите за воведување на оваа технологија во следната генерација на iPhone-и и моментално разговара со добавувачите за компонентите. Се наведува дека променливата камера ќе ја произведуваат LG Innotech и Foxconn, додека актуаторот (механизмот што ја движи блендата) ќе го изработуваат кинеските компании Luxshare ICT и Sunny Optical.

Apple досега никогаш нема користено променлива бленда во iPhone камера. Главните камери кај сите модели од iPhone 14 Pro до iPhone 17 Pro имаат фиксирана бленда од ƒ/1.78, и леќата секогаш снима со тој отвор. Samsung Electronics претходно воведе променлива бленда во своите Galaxy S9 и Galaxy S10 модели во 2018 и 2019 година, но поради зголемената дебелина на уредите и високата цена, функцијата беше укината во 2020 година.
Овој извештај го потврдува и предвидувањето на аналитичарот Минг-Чи Куо од декември минатата година. Очекувањата се дека iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max ќе бидат претставени заедно со iPhone Air 2 и првиот преклоплив iPhone во есента 2026 година.

