Сем Алтман најави дека OpenAI од декември ќе воведе верификација на возраст и дозвола за „еротски“ разговори во ChatGPT. Компанијата тврди дека со новите алатки ќе може безбедно да ги олесни досегашните ограничувања.
OpenAI планира наскоро да овозможи „еротски“ разговори во ChatGPT, но само за корисници кои ќе ја поминат проверката на возраста. Директорот на компанијата, Сем Алтман, потврди на мрежата X дека функцијата ќе биде достапна од декември, кога ќе се воведе системот за проверка на години.
„Како што ја воведуваме проверката на возраст и како дел од нашиот принцип ‘третирај ги возрасните како возрасни’, ќе дозволиме и повеќе содржини, вклучувајќи еротика за верификувани возрасни корисници“, напиша Алтман.
Оваа одлука доаѓа неколку недели откако OpenAI најави дека ќе им овозможи на девелоперите да креираат апликации со „позрел“ тип на содржина, но само по имплементација на „соодветна верификација и контроли“.
OpenAI не е единствен што навлегува во ова подрачје – Компанијата на Елон Марк, xAI веќе лансираше „флертувачки“ AI соговорници во рамките на апликацијата Grok, каде што се појавуваат како 3D аниме модели.
Покрај тоа, компанијата подготвува и нова верзија на ChatGPT која ќе се „однесува повеќе како она што корисниците го сакаа кај GPT-4o“. Откако GPT-5 стана стандардниот модел, многу корисници се пожалија дека делува „постудено“ и помалку природно во интеракцијата, поради што OpenAI наскоро повторно овозможи избор на GPT-4o верзијата.
Алтман објасни дека ChatGPT во последно време бил „доста рестриктивен“ од претпазливост кон корисниците кои се соочуваат со ментални проблеми, но дека тоа истовремено го намалило искуството на оние кои немаат такви потешкотии. „Сега, кога успеавме да ги ублажиме сериозните ризици по менталното здравје и развивме нови алатки, можеме безбедно да ги релаксираме ограничувањата во повеќето случаи“, напиша Алтман.
За дополнително да обезбеди етичка рамка, OpenAI формираше нов совет за „добросостојба и вештачка интелигенција“, кој ќе помага при донесување одлуки за чувствителни и комплексни ситуации. Советот го сочинуваат осум истражувачи и експерти за влијанието на технологијата врз менталното здравје. Сепак, како што забележува Ars Technica, меѓу нив нема експерт за превенција на самоубиства — група која претходно јавно го повика OpenAI да воведе дополнителни заштитни мерки за ранливите корисници.
Најавеното воведување на проверка на возраст и делумното враќање на либералниот пристап означуваат нова фаза во развојот на ChatGPT — онаа во која OpenAI се обидува да го најде балансот меѓу безбедноста, слободата на изразување и вистинското задоволство на корисниците.