Видео сервисот YouTube оваа недела го ажурираше изгледот на својот видео плеер за да биде визуелно поминималистички.
„Ова ажурирање вклучува освежени контроли и нови икони, со цел искуството при гледање да биде визуелно попријатно, а истовремено да го прекрива помалку содржајот“, соопштија од YouTube по повод воведувањето на промените.
Тестирањето на новиот изглед започна порано оваа година. Според објавените снимки, новиот плеер има заоблени копчиња со мала проѕирност, иако ефектот не е толку изразен како кај Liquid Glass дизајнот на Apple. Од YouTube додаваат дека новиот плеер ќе биде достапен на мобилни уреди, веб и телевизори.

Компанијата воведува и низа други подобрувања. Функцијата за двоен допир за „прескокнување“ на видеото ќе биде модернизирана и помалку наметлива за корисникот. Исто така, новиот структуриран систем за одговори на коментари има за цел да понуди „пофокусирано искуство при читање во панелот за одговори“. На некои видеа, при притискање на копчето Like, ќе се појави динамична анимација – на пример, музичка нота.



