Во рамките на серијата посветена на иновациите, Американската ковница на пари во 2026 година ќе издаде колекционерски монети посветени на технологијата — едната со ликот на Стив Џобс, а другата посветена на компјутерот Cray-1.
Американската ковница официјално го претстави дизајнот на новите комеморативни монети од еден долар од програмата „Американска иновација“, кои ќе бидат пуштени во оптек во 2026 година. Оваа серија, започната во 2018 година, оддава почит на значајни иновации и пионерски достигнувања на поединци или групи што имале историско влијание врз САД. Изданието за 2026 година ќе ги слави иновациите од Ајова, Висконсин, Калифорнија и Минесота, а најголемо внимание привлече дизајнот посветен на коосновачот на Apple, Стив Џобс, кој за ова признание беше предложен од гувернерот на Калифорнија.
Реверсната страна на монетата посветена на Калифорнија го прикажува младиот Џобс како седи пред карактеристичниот пејзаж на северна Калифорнија, со ридови покриени со дабови дрвја. Неговиот замислен израз и држење, фатени во момент на интроспекција, симболизираат визија за претворање на сложената технологија во нешто интуитивно и природно, како самата природа — стои во официјалниот опис на дизајнот. На монетата се наоѓаат и натписите „Соединети Американски Држави“ и „Калифорнија“, како и неговото име и цитатот „Make something wonderful“ (Создај нешто прекрасно).

Покрај Џобс, изданието за 2026 година оддава почит и на други технолошки достигнувања. Монетата посветена на Висконсин прикажува стилизиран поглед од воздух на суперкомпјутерот Cray-1, чиј облик го формира буквата „C“ како асоцијација на Cray и computer.
Секој дизајн во оваа повеќегодишна серија се развива во соработка со кабинетот на гувернерот на секоја сојузна држава или територија, како и со стручњаци од релевантни области, додека конечната одлука за дизајнот ја носи американскиот секретар за финансии. Целта на програмата е преку нумизматика да се раскаже приказната за иноваторскиот дух што ги обликувал Соединетите Држави.
Преостанатите две монети од серијата за следната година ќе бидат посветени на Ајова и д-р Норман Борлауг, научникот кој разви отпорни сорти пченица, додека Минесота својата монета ја посветува на изумот на мобилната ладилна комора.

Колекционерските монети ќе бидат достапни за купување од 2026 година преку официјалната веб-страница на Американската ковница на пари (US Mint). Една монета ќе чини 13,25 долари, додека сетот од четири монетиод серијата за 2026 година (Ајова, Висконсин, Калифорнија и Минесота) ќе се продава по цена од 27,50 долари. Ќе бидат достапни и пакувања од 25 и 100 монети.

