Доколку навистина се покаже дека концептот на интегриран заден екран долгорочно го задржува вниманието на корисниците, Xiaomi би можел да постави нов тренд на пазарот на паметни телефони.
Иако се очекуваше дека серијата Xiaomi 17 ќе биде со релативно конзервативен дизајн, без многу промени во однос на претходната генерација, кинескиот производител реши да ги изненади сите и да воведе заден екран кај моделите Xiaomi 17 Pro и 17 Pro Max, сличен на оној кај преклопните телефони.
Првите купувачи во Кина и бројни рецензенти беа прилично задоволни од функциите на задниот екран — барем според нивните зборови — за што е свесен и претседателот на Xiaomi, Лу Вејбинг, кој потврди дека и претстојните модели Xiaomi 18 Pro и 18 Pro Max ќе имаат интегриран 2,1-инчен LTPO AMOLED екран на задната страна.
Понатаму, кинеските медиуми пренесуваат дека Вејбинг напомнал оти Xiaomi дополнително ќе ги зголеми инвестициите во развој на софтверски функции кои ќе го направат тој екран уште покорисен.
Според официјалните податоци, Xiaomi веќе инвестирал една милијарда јуани (околу 128 милиони евра) во развој на технологијата за задниот екран. Од друга страна, целата серија Xiaomi 17 остварила 20 проценти поголема вкупна продажба во однос на претходната генерација, додека Pro моделите се продале трипати подобро од своите претходници.