Компанијата Meta, која стои зад Facebook, Instagram и WhatsApp, соопшти дека од 2026 година на платформата WhatsApp ќе бидат забранети четботови од трети страни.
Како што пренесува PC Mag, четботовите ќе бидат забранети на платформата од 15 јануари 2026 година, а единствениот достапен chatbot ќе биде оној зад кој стои Meta AI.
Овој потег може да има влијание врз WhatsApp клиентите на алатки како ChatGPT, кој беше интегриран во WhatsApp во декември 2024 година, заедно со многубројни други chatbot-ови кои се појавија во текот на изминатата година.
Тоа ги вклучува и chatbot-от на Perplexity, пребарувач базиран на вештачка интелигенција, кој беше лансиран во април, како и некои помалку познати производи насочени кон Латинска Америка.
По промената, на „големите јазични модели, генеративните платформи на вештачка интелигенција, асистентите со општа намена на вештачка интелигенција или слични технологии“ ќе им биде забранет пристапот или користењето на WhatsApp Business Solution, „кога таквите технологии се примарна (а не споредна или помошна) функционалност која се нуди за користење“.
На претпријатијата сепак ќе им биде дозволено да одржуваат сопствени chatbot-ови за интеракција со клиенти преку WhatsApp — на пример, локален ресторан за брза храна кој управува со своите нарачки преку апликацијата.
Иако корисниците нема да можат директно да разговараат со chatbot-ови со општа намена преку WhatsApp Business, компаниите и понатаму ќе можат да ги користат податоците собрани преку апликацијата за обука на системи со вештачка интелигенција.