Платформата X тестира промена во начинот на кој се прикажуваат линковите на iOS, со цел да го задржи вниманието на корисниците во самата апликација.
Досега, при кликнување на линк, страницата се отвораше во цел екран и целосно го покриваше оригиналниот пост, што често доведуваше до помала интеракција — помал број на лајкови, коментари и споделувања. Со новиот пристап, оригиналниот пост ќе остане видлив на дното на екранот, што ќе овозможи копчињата за „like“, „reply“ и „repost“ да бидат достапни во секој момент.
Оваа промена е дел од визијата на Елон Маск да ја претвори X во „сè-во-една апликација“ – дигитален екосистем каде корисниците нема да имаат потреба да излегуваат од платформата.
Дополнително, Маск најави и промени во системот за препораки. Наместо досегашните алгоритми засновани на лајкови и интеракции, новиот систем ќе користи вештачка интелигенција Grok, која ќе ги анализира сите објави и видеа (повеќе од 100 милиони дневно) за да им прикажува на корисниците содржина што најмногу би ги интересирала.
Со ова, X преминува кон AI-базиран модел на разбирање на содржината, што може да доведе до поголем досег дури и за профили со мал број следбеници.
Овие промени моментално се во тест фаза, а целта е да се зголеми ангажманот на корисниците и времето кое го поминуваат во апликацијата.