Голем дефект на платформата Amazon Web Services (AWS) во регионот US-EAST-1 предизвика прекин во работата на бројни сервиси, меѓу кои Amazon, Alexa, Fortnite, ChatGPT и Snapchat. Проблемот траеше неколку часа и беше предизвикан од грешка во DNS системот.
Во понеделникот наутро, голем пад на инфраструктурата на AWS предизвика повеќечасовен прекин на многу популарни интернет сервиси и апликации, меѓу кои Amazon, Alexa, Snapchat, Fortnite, ChatGPT, Epic Games Store и многу други.
Според информациите од страницата за статус на AWS, проблемите првпат биле пријавени во регионот US-EAST-1 во 3:11 часот по источен американски временски појас (ET). Иако Amazon објави дека основниот проблем бил „целосно ублажен“ во 6:35 наутро, целосната нормализација на системите траела речиси целиот ден.
Во завршниот извештај во 6:53 попладне, Amazon соопшти дека „сите AWS сервиси се вратени во нормална состојба“ до 6:01 часот. Компанијата како причина го идентификуваше проблемот во работата на DNS системот (Domain Name System), кој ги преведува имињата на веб-домените во IP адреси. Проблемот, како што наведуваат, потекнал од внатрешната EC2 мрежа, што влијаело на сите сервиси кои ги користат US-EAST-1 крајните точки (endpoints).
Падот на AWS ги урна многу платформи што се потпираат на неговата cloud инфраструктура, меѓу кои Perplexity, Airtable, Canva, Zapier и апликацијата на McDonald’s. Некои сервиси, како Fortnite, Epic Games Store и Perplexity, повторно се вратиле онлајн само четири часа по пријавата на дефектот, додека Amazonпостепено ги обновувал сите функционалности во текот на денот.
Корисниците на Reddit пријавиле дека Alexa не можела да одговара на барања ниту да извршува команди, додека други забележале прекини во снимањето со Ring безбедносните камери. Еден корисник дури навел дека неговиот утрински аларм на Echo Dot уредот не проработил, бидејќи системот постојано пријавувал дека „нема интернет конекција“.
Ова не е првпат проблемите во регионот US-EAST-1 да предизвикаат глобални последици. AWS веќе имал слични инциденти во 2020, 2021 и 2023 година, кога многу големи платформи исто така беа привремено недостапни сè додека сервисот не се стабилизирал.
Најновиот пад на AWS уште еднаш потсети колку е глобалниот интернет екосистем зависен од една инфраструктура — и колку дури и краткотрајни прекини можат да имаат широки последици, пренесува The Verge.