Преклопниот iPad би можел да биде одложен поради проблеми во развојот, пренесува Bloomberg. Компанијата првично планирала да го лансира уредот во 2028 година, но потешкотии со тежината и технологијата на екранот може да ја поместат премиерата до 2029 година.
Повеќе извори тврдат дека Apple работи на уред со голем фолдабл екран, но информациите се разликуваат во однос на тоа дали ќе биде позициониран како iPad или како Mac. Се очекува уредот да има 18-инчен OLED екран произведен од Samsung, а Apple наводно работи на тоа да ја минимизира видливоста на наборот при свиткување.
Преклопен OLED панел од таква големина е исклучително скап, па се проценува дека уредот би можел да биде до трипати поскап од 13-инчниот iPad Pro. Бидејќи Apple за 13-инчниот iPad Pro наплаќа 1.299 долари, новиот фолдабл модел би можел да достигне цена и до 3.900 долари, доколку цените на компонентите не се намалат во наредните години.

Кога е затворен, фолдабл iPad изгледа како Mac лаптоп, со алуминиумска обвивка и без надворешен екран. Кога е отворен, големината му е слична на 13-инчниот MacBook Air, но без физичка тастатура. Поради големиот екран и алуминиумското куќиште, прототипите тежат околу 1,6 килограми (3,5 фунти), што ги прави значително потешки од сегашните модели на iPad Pro.
Според Bloomberg, уредот е дизајнерски сличен на Huawei MateBook Fold, кој исто така има 18-инчен фолдабл екран и чини околу 3.400 долари.
Првиот фолдабл уред на Apple, iPhone, би можел да се појави веќе следната година. Неколку извори наведуваат дека компанијата планира да го вклучи во iPhone 18 серијата, иако постојат индикации дека и овој проект би можел да се одложи.

