Кина започна со тестирања на возот CR450, кој се смета за најбрзиот воз во светот, пред неговото официјално пуштање во употреба. Возот достигна брзина од 450 километри на час за време на тестирање на брзата железничка линија Шангај–Чонгќинг–Ченгду.
Прототипот CR450 беше претставен во ноември минатата година како брз воз способен да достигне 400 km/h, и оттогаш е подложен на континуирани тестирања според сите технички параметри.
Во завршната фаза на тестирањето, возот треба да помине 600.000 километри пред да добие дозвола за комерцијален сообраќај. Со последното тестирање, CR450 го надмина актуелниот рекорд од 350 km/h, што досега го држеа возовите CR400 Fuxing.
Проектот започна во 2021 година, под водство на Кинеската државна железничка група, а се очекува возот да влезе во комерцијална употреба во 2026 година, по завршувањето на фазата на евалуација. Производството е во рацете на подружници на државната корпорација CRRC (China Railway Rolling Stock Corporation).
CR450 е опремен со структурни подобрувања. Носот на возот е издолжен од 12,5 метри, колку што имаат постојните модели со брзина до 350 km/h, на 15 метри, што значително го намалува отпорот на воздухот. Возот има целосно затворено подвозје, ниски обвивки под вагоните и дизајнерска филозофија инспирирана од спортските автомобили со високи перформанси. Овие иновации овозможиле намалување на вкупниот отпор за 22 проценти.
Дополнително, висината на возот е намалена за 20 сантиметри, а тежината за 55 тони. Главниот приоритет на инженерите бил намалувањето на отпорот, што резултирало со драматично подобрено забрзување. Во текот на петгодишните истражувања и тестирања, подобрувањата биле мерени во мали чекори од само 0,1%.
CR450 може да забрза од 0 до 350 km/h за 4 минути и 40 секунди, што е 100 секунди побрзо од сегашните модели Fuxing EMU, на кои им се потребни 6 минути и 20 секунди за да ја постигнат истата брзина. EMU (Electric Multiple Unit) е воз составен од самостојно придвижувани вагони со електричен погон, кои не бараат посебна локомотива.
Кинеската национална телевизија CCTV објави дека земјата го гледа овој момент како голем чекор кон модерни технолошки иновации. „Последното пробно возење е финалниот чекор пред влегувањето на CR450 во комерцијална фаза и ќе биде пресвртница што покажува дека технолошката сила на кинеската брза железница преминува од ‘произведено во Кина’ кон ‘создадено во Кина’“, изјавија од CCTV.
Проектот CR450 е дел од сеопфатната иницијатива на Кина за проширување и модернизација на најразвиената транспортна мрежа во светот. Земјата денес управува со најголемиот глобален систем на брзи железници и автопати, создавајќи интегрирана мрежа што се протега на повеќе од шест милиони километри.
Современите транспортни коридори поврзуваат над 80 проценти од кинеските региони на ниво на окрузи, опфаќајќи повеќе од 90 проценти од економијата и населението. Големината на оваа мрежа се покажа и за време на националниот празник, кога беа регистрирани 2,4 милијарди меѓурегионални патувања. Само железниците превезоа 213 милиони патници, односно во просек 18 милиони луѓе дневно.