Трновитиот развоен пат и неприфаќањето од страна на корисниците, како и од маркетинг и издавачкиот сектор, го означија крајот на „револуционерниот“ план на Google за замена на интернет-колачињата.
Иницијативата Privacy Sandbox, што Google ја започна во 2019 година со цел да развие технологии за заштита на приватноста кои би ги замениле колачињата од трети страни (third-party cookies) на интернетот, официјално е укината во нејзината првична форма. Веста доаѓа откако компанијата објави дека во прелистувачот Chrome ќе го задржи постојниот пристап, кој им овозможува на корисниците сами да изберат дали ќе дозволат колачиња од трети страни — што беше најавено уште на почетокот на оваа година.
Целиот проект се гаси
Според новото официјално соопштение, Google побарал обемни повратни информации од „екосистемот“ за да донесе информирана одлука за иднината на API-ите и технологиите во рамки на Privacy Sandbox. „Повратните информации што ги добивме го продлабочија нашето разбирање за тоа што може да донесе најголема вредност за компаниите, развивачите и корисниците“, соопштија од Google, најавувајќи промени во оваа област и прилагодување на постојните API-решенија.
Одлучено е, значи, дека целата иницијатива Privacy Sandbox, заедно со десетината придружни технологии, ќе биде напуштена. Ништо од она што беше развивано во последните шест години повеќе нема да биде присутно во Chrome во тој облик, ниту пак иницијативата ќе се споменува како активна.
Фокус на мерење и приватност
Од Google истакнаа дека од маркетинг-експертите и издавачите добиле јасни сознанија за важноста на масовно применливи решенија за мерење, кои се клучни за разбирање на ефектите од огласувачките кампањи и вредноста на различните публики. Компанијата верува дека интероперабилниот стандард за атрибуција, кој го предложи, има потенцијал да го поддржи овој процес на начин што ја зачувува приватноста, и ќе продолжи да работи на него преку процесите за веб-стандарди во соработка со другите засегнати страни, вклучувајќи и производители на интернет-прелистувачи.
Покрај тоа, евидентиран е и интерес за истражување како прелистувачите можат да помогнат во решавање на лошите веб-искуства. Издавачите, пак, изразиле потреба од подобри контроли за заштита на податоците, кои истовремено ќе придонесат за зголемување на довербата кај корисниците.
Google најави дека ќе соработува со индустријата за идентификување на највредните функционалности, користејќи ги притоа „знаењата стекнати од технологиите што се укинуваат во рамки на Privacy Sandbox“.