Случајно ја освеживте страницата и изгубивте интересен Reel? Instagram конечно воведе историја на гледање, овозможувајќи им на корисниците лесно да го пронајдат и повторно да го погледнат секој видео запис што некогаш го виделе.
Шефот на Instagram, Адам Мосери, објави дека на социјалната мрежа пристигнува нова функција која им овозможува на корисниците да ги прегледаат сите Reels видеа што ги имаат гледано досега.
„Ако одите на вашиот профил, потоа во поставките, во делот ваши активности сега се наоѓа историјата на гледање. Така можете да го видите секој Reel што некогаш сте го гледале,“ објасни Мосери во објава на Instagram.
Покрај тоа, Мосери исто така појасни дека овој дел може да се прилагоди според сопствените потреби. Корисниците можат да ги сортираат прегледаните видеа од најстарите кон најновите и обратно, да ја прегледаат историјата за одреден датум или временски период, па дури и да го филтрираат содржајот според одреден автор, односно профилот кој го објавил Reel видеото.

Вреди да се напомене дека главниот конкурент на Instagram — TikTok — веќе подолго време има опција за историја на гледање, а слична функционалност нуди и YouTube за своите Shorts видеа, иако таму тие се мешаат со видеа од подолг формат.

