Новата функција Prioritize notifications во One UI 8.5 ќе им помогне на корисниците важните известувања секогаш да бидат на врвот и да се намали дигиталниот метеж.
Samsung подготвува голема софтверска надградба — One UI 8.5, која би можела да стане достапна во наредните месеци, а најновите информации откриваат корисна функција наменета за подобра организација на известувањата. Новата опција со назив „Prioritize notifications“ автоматски ги рангира пристигнатите известувања според нивната важност, ставајќи ги најбитните на врвот на листата.
Како што е откриено во рана тест-верзија на софтверот, корисниците ќе можат рачно да одредат кои апликации имаат приоритет — директно од поставките за известувања на секоја апликација. Samsung нагласува дека целата обработка на содржината се одвива локално, што значи дека податоците не се испраќаат во cloud, што е важен аспект за приватноста на корисниците.

Паметна организација на известувањата во One UI 8.5
Очекувањата се дека One UI 8.5 ќе биде објавен по претставувањето на серијата телефони Galaxy S26, додека бета-верзијата би можела да стане достапна веќе следниот месец. Финалната верзија, според досегашните информации, би можела да пристигне на почетокот на 2026 година — во јануари или февруари, пред воведувањето на One UI 9.0 подоцна во текот на годината.
Покрај новата функција за известувања, се очекува One UI 8.5 да донесе и поддршка за гестот „double-tap“ на задниот дел од телефонот — слична функционалност како кај iOS уредите. Исто така, најавени се визуелни измени во интерфејсот и подобрувања во камерата.
Со ова ажурирање, Samsung продолжува да го подобрува корисничкото искуство и да го намалува дигиталниот хаос, нудејќи поинтуитивно и поумно управување со известувањата — без компромиси во поглед на приватноста, пишува Tech Radar.

