Научниците со помош на телескоп во Австралија откриле дека универзумот бил потопол отколку што се мислело пред да се запалат првите ѕвезди.
Околу милијарда години по Големата експлозија, универзумот влегол во период познат како „епоха на рејонизација“, кога неутралните атоми на водород станале јонизирани под влијание на ултравиолетовото зрачење од првите ѕвезди. Иако многу се знае за жешката и густа фаза на Големата експлозија, периодот што следел бил постуден и по таинствен.
Откако универзумот се оладил и проширил, настапило таканареченото „космичко мрачно доба“, кое траело околу милијарда години. Во тој период, универзумот бил исполнет со неутрален водород, сè додека не се појавиле првите ѕвезди и галаксии кои со својата светлина повторно го јонизирале водородот и започнале нова фаза во еволуцијата на космосот.

Сепак, астрофизичарите немаат многу директни докази за условите во тој период. Нова студија на меѓународен тим научници сега покажува дека универзумот веројатно не бил целосно студен кога започнал преминот од „мрачното доба“, туку бил значително потопол отколку што се мислело досега. Резултатите од истражувањето се објавени во списанието The Astrophysical Journal.
Универзумот бил потопол пред појавата на првите ѕвезди
„Како што се развивал универзумот, гасот меѓу галаксиите се ширел и се ладел, па би очекувале да биде многу студен,“ објаснува авторката на студијата, Кетрин Трот од Универзитетот Картин. „Нашите мерења покажуваат дека сепак бил делумно загреан, што ја исклучува можноста дека епохата на рејонизација започнала од целосно ладна состојба.“
За да стигнат до овие податоци, научниците го користеле телескопот Murchison Widefield Array во Западна Австралија, кој работи во опсег од 70 до 300 MHz и е специјално дизајниран за детекција на зрачење од неутрален водород од тој древен период. Истражувачите морале да ја отстранат „космичката бучава“ — сигналите од ѕвезди, галаксии и атмосферата на Земјата — за да го издвојат посакуваниот сигнал.

Со анализа на податоци собрани во текот на десет години, тимот открил дека, доколку универзумот бил ладен, требало да постои препознатлив сигнал — но таков сигнал не бил забележан. Тоа укажува дека раните извори, како што се рендгенските зрачења од првите црни дупки и остатоците од ѕвезди, веќе почнале да го загреваат универзумот околу 800 милиони години по Големата експлозија, пренесува Popular Mechanics.
„Сигналот сигурно постои, само е длабоко закопан во податоците,“ додала Ридима Нунхоки, коавторка на студијата. „Потребни се уште попрецизни и почисти мерења за целосно да го откриеме.“

