Нов модел на физичари сугерира дека ширењето на вселената ќе запре за 11 милијарди години и ќе заврши со „Голем колапс“.
Физичарот од Универзитетот Корнел, Хенри Тај, тврди дека вселената можеби не е бесконечна, туку дека се наоѓа на половина од својот животен циклус од околу 33 милијарди години. Според неговите најнови пресметки, вселената ќе продолжи да се шири уште околу 11 милијарди години, а потоа ќе започне процес на собирање кој ќе заврши со „Голем колапс“ – момент кога сета материја и простор ќе се урнат во една точка.
Професорот Тај, почесен професор по физика на Корнел, до овој заклучок дошол откако го унапредил постојниот космолошки модел заснован на „космолошката константа“ – поим што уште Алберт Ајнштајн го предложил пред повеќе од еден век. Тај смета дека новите набљудувања на темната енергија укажуваат дека космолошката константа можеби не е позитивна, како што досега се верувало, туку негативна. Ако тоа е точно, вселената нема вечно да се шири, туку еден ден ќе се урне.

Научниците предвидуваат крај на вселената со Големиот колапс
Според неговите пресметки, Големиот колапс ќе се случи за околу 20 милијарди години. Тај објаснува дека вселената најпрво ќе ја достигне својата максимална големина, а потоа ќе почне да се собира сè додека не се урне во една точка – крајот на просторот и времето.
Тај се потпира на податоци од два клучни проекти: Dark Energy Survey (DES) од Чиле и Dark Energy Spectroscopic Instrument (DESI) од Аризона. Според него, двата проекти даваат усогласени резултати и укажуваат дека темната енергија, која сочинува околу 68% од вкупната маса и енергија на вселената, не е целосно стабилна константа.
Тај и неговите соработници предлагаат постоење на хипотетичка честичка со многу мала маса, која во раната фаза на вселената се однесувала како космолошка константа, но сега веќе не. Овој модел добро се вклопува со достапните податоци, но истовремено ја поместува космолошката константа во негативни вредности, што го поддржува сценариото на конечен колапс.
Во наредните години се очекува дополнително собирање на податоци за темната енергија. Проекти како европскиот телескоп Euclid, телескопот на НАСА SPHEREx и опсерваторијата Vera C. Rubin ќе продолжат со набљудувања со цел попрецизно да ја утврдат динамиката на вселената. Тај истакнува дека можноста за квантитативно одредување на животниот век на вселената претставува голем чекор во разбирањето на космологијата.
„Знаеме дека вселената има почеток, но сега, според сè изгледа, има и крај,“ пренесува SciTech Daily.

