Иако USB-C го поедностави дизајнот на лаптопите, неговата употреба кај десктоп системите се покажа како практично непотребна и често збунувачка.
USB-C конекторот донесе вистинска револуција во светот на електрониката — од телефоните до лаптопите. Сепак, истото не може да се каже и за десктоп компјутерите. Повеќето корисници на десктоп системи признаваат дека USB-C го користат многу ретко.
Кога се појави, USB-C ветуваше едно универзално решение за сè: еден приклучок што пренесува видео, звук, податоци, интернет и напојување — дури до 240 W. Кај лаптопите, тоа ветување навистина се оствари. Благодарение на USB-C стандардите како USB4 и Thunderbolt 5, производителите успеаја да го намалат бројот на приклучоци, да ги направат уредите потенки, а притоа да ги задржат сите функционалности.

Зошто USB-C нема иста корист за десктоп компјутерите
Лаптопите станаа потенки и поедноставни, додека поголемиот дел од приклучоците како HDMI, VGA, DisplayPort и RJ45 речиси исчезнаа. Наместо тоа, корисниците денес користат адаптери и USB-C хабови што нудат сите потребни конекции во еден уред.
Кај десктоп компјутерите, ситуацијата е сосема поинаква. За разлика од лаптопите, десктопите немаат проблем со простор — на просечна матична плоча лесно можат да се сместат шест USB-A порти, повеќе Ethernet приклучоци и видео излези. Нема потреба од заштеда на место, а најголем дел од периферијата (глувчиња, тастатури, камери) сè уште користи класичен USB-A приклучок.
Единствената реална предност на USB-C кај десктопите е брзината на пренос на податоци. Thunderbolt 5 овозможува и до 120 GB/s во еден правец, што може да биде корисно за брзи SSD уреди. Сепак, тоа е специфична и ограничена примена.

Уште поголем проблем претставува конфузијата со стандардите. USB-C приклучоците можат да поддржуваат сè — од USB 2.0 (480 Mb/s и 15 W) до Thunderbolt 5 (120 Gb/s и 240 W). Иако сите кабли изгледаат исто, вистинската компатибилност зависи од конкретната верзија на портот и уредот, што на корисниците им создава повеќе проблеми отколку решенија.
USB-C требаше да го обедини светот на поврзувањето, но во пракса се случи спротивното. Наместо многу различни порти, сега постојат многу различни стандарди кои користат ист конектор. Кај десктоп компјутерите, каде што просторот не е ограничен, традиционалниот пристап со повеќе јасно дефинирани порти и натаму останува наједноставното и најсигурно решение,.

