Кинезите претставија интелигентен суперкомпјутер со големина на „мини фрижидер“, кој по компјутерска моќ не заостанува зад постоечките суперкомпјутери.
BIE-1, развиен од Институтот Гуангдонг (GDIIST), постигнува брзини на учење и заклучување споредливи со најголемите светски суперкомпјутери, но функционира со обична приклучница.
Кинески научници од Институтот за интелигентна наука и технологија во Гуангдонг (GDIIST) го претставија ултракомпактниот суперкомпјутер BIE-1. Иако е мал како домашен фрижидер, тој нуди компјутерска моќ споредлива со масивните суперкомпјутери, при што троши десет пати помалку енергија од класичните системи.

Неуронска архитектура
BIE-1 се базира на напредна неуронска архитектура и вештачкоинтелигентни алгоритми кои ги имитираат мозочните процеси, овозможувајќи истовремено учење и заклучување со голема брзина. Системот постигнува стапка на учење од 100.000 токени во секунда и заклучување од 500.000 токени во секунда, што приближно одговара обработка на 1.000, односно 5.000 реченици во секунда.
Во него се вградени 1.152 CPU јадра, 4,8 TB DDR5 меморија и 204 TB простор за складирање, а доволно е ефикасен за при најсложени пресметки процесорот да не ја надминува температурата од 70 °C. BIE-1 наводно може да се напојува од обична приклучница и да се користи во домашни или мобилни средини, но и како дополнителен модул за зголемување на енергетската ефикасност на постоечките суперкомпјутерски центри.
Ова решение, како што тврдат во GDIIST, претставува „чекор кон демократизација на компјутерската моќ“, бидејќи овозможува напредна вештачка интелигенција и научна аналитика во многу подостапна форма од кога било досега.

