Корисниците на софтверот на Adobe за уредување фотографии и видеа имаат причина за радост – новите алатки со вештачка интелигенција треба значително да им ја олеснат работата.
На својата годишна конференција Max, Adobe претстави низа нови генеративни AI алатки за Photoshop, Premiere Pro и Lightroom, како дел од пакетот Creative Cloud. Според компанијата, целта на новите функции е да се поедностави и забрза процесот на уредување фотографии и видеа, со поголема автоматизација и прецизност.
Една од најголемите новини е тоа што Adobe сега им овозможува на корисниците на Photoshop да користат надворешни AI модели за функцијата Generative Fill. Откако корисникот ќе ја избере сликата и ќе внесе текстуален опис на објектот што сака да го вметне или замени, може да избере меѓу моделите Google Gemini 2.5 Flash, Flux.1 Kontext од Black Forest и Adobe Firefly.

Веб-верзијата на Photoshop добива и АИ асистент, кој моментално е во затворена бета фаза на тестирање. Станува збор за интерфејс сличен на chatbot, каде што корисникот може да дава едноставни инструкции за уредување на фотографии, а слична функција ќе биде достапна и во Adobe Express.
Моделот што ги придвижува овие функции, Firefly AI сега може да генерира слики во изворна резолуција од 4 MP и е оптимизиран за пореалистично прикажување на луѓето. Дополнително, новиот модел донесува и алатка Layered Image Editing за Photoshop, која овозможува прецизни и контекстуални промени — на пример, автоматско прилагодување на сенките при поместување на објекти на сликата.

Што се однесува до Lightroom, тој добива нова функција наречена Assisted Culling за автоматско сортирање на големи колекции фотографии според фокус, агол и острината, со препораки за најдобрите снимки за понатамошна обработка. За видеоуредниците, Adobe воведува нова алатка во Premiere Pro наречена AI Object Mask, која автоматски препознава и издвојува лица и објекти во кадарот, со што се олеснува манипулацијата со бои, заматувањето на позадината и додавањето визуелни ефекти — без потреба од рачно маскирање.

