Претставници на Samsung за време на годишниот состанок со инвеститорите ги открија првите детали за Galaxy S26: нови сензори за камера, прилагоден чипсет и унапредена AI, кои ветуваат „револуционерно корисничко искуство“.
Samsung веќе почна да ја гради возбуда околу новата Galaxy S26 серија телефони, иако нејзиното деби се очекува дури на почетокот на 2026 година. За време на финансискиот извештај за третиот квартал од 2025 година, потпретседателот на компанијата, Даниел Арауџо, откри први навестувања за она што следи – а тоа вклучува нови камери, сопствен чипсет и следна генерација вештачка интелигенција.
Според Арауџо, серијата Galaxy S26 „ќе го револуционизира корисничкото искуство преку кориснички ориентирана, следна генерација АИ технологија, чип од втора генерација и посилни перформанси, вклучувајќи нови сензори за камера“. Иако звучи амбициозно, овие најави укажуваат дека Samsung би можел да направи еден од најзначајните скокови во Galaxy серијата во последните неколку години.

Galaxy S26 ќе има специјален процесор – почеток на нова ера на перформанси
Кога Samsung го спомнува „custom AP“, речиси сигурно се мисли на новата генерација од сопствениот Exynos 2600 чип, но и на посебна верзија од Qualcomm Snapdragon 8 Elite Gen 5 процесорот, прилагодена за Galaxy уредите. Традиционално, компанијата ги користи двете решенија – Exynos за одредени региони, а Snapdragon за други, па се очекува дека и овојпат ќе биде така. Новата архитектура треба да донесе подобри перформанси, ефикасност и подлабока интеграција со АИ функциите.
Уште една важна промена се однесува на камерите. Samsung најави „нови сензори“, што би можело да значи значително подобрување на квалитетот на фотографиите – било преку поголема резолуција, подобра обработка на светло или подобрени можности во слаби услови. Ова исто така фрла сенка на претходните гласини дека основниот модел Galaxy S26 нема да добие никакви надградби на камерите. Напротив, изгледа дека барем Plus или Ultra моделите би можеле да понудат видливи новитети, а можно е и сите.
Претходно протечените информации сугерираа дека основниот Galaxy S26 би можел да добие нов, но и понатаму 50 MP сензор, или дури нов ултраширок објектив со иста резолуција. Доколку тоа се покаже точно, Galaxy S26 би можел да понуди значително подобри визуелни перформанси во однос на својот претходник.

Samsung веќе подолго време активно ја промовира својата „Galaxy AI“ платформа, а најновите најави потврдуваат дека вештачката интелигенција ќе биде уште поважен дел од искуството во серијата Galaxy S26. Новите функции би можеле да вклучуваат понапредни асистенти, подобрена обработка на слики, па дури и можности кои го менуваат начинот на кој корисниците комуницираат со телефонот. Сепак, останува да се види дали овие иновации навистина ќе го „револуционизираат корисничкото искуство“, како што ветува компанијата.
Доколку Samsung ги исполни најавените очекувања, Galaxy S26 би можел да стане еден од највозбудливите паметни телефони во 2026 година – уред кој ги спојува хардверската моќ, напредната АИ технологија и унапредените камери во едно комплетно искуство.

