Apple започна да создава залиха од компоненти за својот прв преклоплив iPhone, како подготовка за лансирањето на уредот следната година, тврди кинески извор со докажани контакти во синџирот на снабдување на компанијата.
Според профилот Fixed Focus Digital на Weibo, Apple моментално складира клучни делови за долгоочекуваниот преклоплив iPhone, кој засега се нарекува „iPhone Fold“. Иако не се откриваат детали, се смета дека компанијата обезбедува резерви од напредни компоненти како преклопливи OLED дисплеи, титаниумски рамки и комплексни механизми за шарки составени од повеќе материјали.
Овој потег укажува дека Apple влегува во клучната пред-продукциска фаза, во која снабдувачите го зголемуваат производството пред целосно масовно производство. Некои од компонентите имаат долг производствен процес и висок процент на дефекти, па раното складирање ја намалува ризичноста и ја олеснува идната лансирачка логистика.
Преклопливиот iPhone наводно ќе биде сличен на Samsung Galaxy Z Fold, со „книжна“ преклопна механика, а не со „школка“ стил како Galaxy Z Flip.

Кога е преклопен, корисниците ќе користат надворешен екран од 5,5 инчи, сличен на типичен iPhone дисплеј, а при отворање ќе се открие поголем екран од 7,8 инчи во стил на iPad. Внатрешниот екран се очекува да биде речиси без набор, со можност за селфи камера под екранот, додека надворешниот дисплеј ќе има „punch-hole“ камера. Автентикацијата ќе биде преку Touch ID на страничното копче, наместо Face ID. Уредот ќе има и двојна камера на задната страна.
Според аналитичарот Џеф Пу, рамката ќе биде направена од комбинација на титаниум и алуминиум. Познатиот аналитичар Минг-Чи Куо исто така наведува дека се користат повеќе материјали, но според него доминираат титаниум и не’рѓосувачки челик. Куо дополнително верува дека делови од механизмот ќе бидат изработени од Liquidmetal за подобра издржливост.
Преклопливиот iPhone се очекува да биде тенок околу 4,5 мм кога е отворен – потенок и од iPhone Air – па затоа титаниумот е клучен за да се избегнат свиткувања. Со уникатни дисплејски и механички предизвици што досега не се видени кај iPhone линијата, подготовките на Епл покажуваат дека првиот преклоплив модел конечно се приближува кон реалност. iPhone Fold се очекува да биде дел од серијата iPhone 18 и да биде лансиран во септември 2026 година.

