Откако веќе има индикации за подоцнежно деби на следната генерација на флегшип смартфоните од Galaxy S26 серијата на Samsung, сега се појавуваат и други интересни податоци за претстојниот Ultra модел.
Дојавувачот @UniverseIce објави фотографија од три заштитни стакла за екраните, кои според информациите се компатибилни со Galaxy S26, Galaxy S26 Plus и Galaxy S26 Ultra. Заштитните стакла за Galaxy S26 и Galaxy S26 Plus не откриваат никакви изненадувања. Ја забележуваме вообичаената разлика во големина помеѓу двата модели, како и позаоблените агли кај двата.
Изненадување е што гледаме слично позаоблени агли и кај Galaxy S26 Ultra. На некој начин, ова ги потврдува претходните протечени информации за уредот, кои сугерираа дека Samsung се откажува од поострите агли во корист на заоблени.

Сите три заштитни стакла се за рамни панели и тука нема изненадувања, бидејќи се очекува сите три телефони да ја задржат оваа карактеристика. Се разбира, засега сè останува неофицијално и ќе треба да почекаме уште неколку месеци до премиерата на смартфоните.


