Новиот систем Motorway Assistant на BMW доби регулатива DCAS од ООН, со што стана првиот германски производител со такво одобрение. Ова овозможува легално возење без раце до 130 km/h во бројни земји.
Додека Mercedes-Benz се фокусира на развој на S-Класа која нема да има потреба од возач, нивниот главен ривал BMW стана првиот германски автомобилски производител што добил официјално одобрение за новата регулатива на ООН за системи за помош при управување (DCAS). Како што пренесува Carscoops, ова одобрение претставува значаен чекор напред во стандардизацијата на напредните системи за помош на возачот на меѓународно ниво.
Зеленото светло е добиено за моделот iX3, а одобрението значи дека компанијата ќе може да ја понуди функцијата Motorway Assistant за возење без раце на автопатите во многу земји. Досега, еден од најголемите проблеми за имплементација на автономни системи беше недостатокот на единствени прописи. Систем кој е легален во Германија, не мора нужно да биде легален и на други места. Како што објаснија од BMW, „регулативата DCAS обезбедува меѓународна правна рамка за иновативни системи за помош на возачот од Ниво 2, со фокус на безбедноста на корисниците.“

Од BMW додадоа дека за претходната верзија на системот Motorway Assistant имале посебно изземање од германската Сојузна управа за моторен сообраќај, но со DCAS одобрението, такви изземања повеќе не се потребни. Тоа им овозможува да го понудат системот низ цела Европа и во други земји што ги применуваат ECE прописите.
За оние што не се запознаени, Motorway Assistant им овозможува на возачите да патуваат без да го држат воланот при брзини до 130 km/h. Сепак, бидејќи станува збор за систем од Ниво 2, возачите мора постојано да ја следат состојбата во сообраќајот и да бидат подготвени да преземат контрола доколку е потребно. Иако тоа не е невообичаено, Motorway Assistant може автоматски да менува сообраќајни ленти. Сè што треба да направи возачот е со поглед во ретровизорот да потврди дека маневарот е безбеден. Системот, исто така, може да предложи промена на лентата како подготовка за излез од автопат.

Во Германија, системот оди чекор понатаму благодарение на функцијата City Assistant за градско возење. На почеток, таа ќе овозможи возилото автоматски да запре на црвено светло на семафор, и да тргне кога ќе се вклучи зелено.
Ова е исклучително напредна функционалност, а од BMW истакнаа дека дополнителни функции за градско возење ќе се воведуваат преку безжични ажурирања (OTA). Со тоа се ветува дека патувањата во градските центри со време ќе стануваат сè поопуштени и побезбедни.


