Кинеските флегшип смартфони пристигнуваат на пазарот порано од вообичаено, а сега на ред е Oppo со моделите Find X9 и Find X9 Pro
Oppo пред неколку недели ја претстави својата нова серија премиум смартфони, која моментално ги содржи моделите Find X9 и Find X9 Pro. Иако првично стануваше збор за претставување во Кина без многу официјални најави дека уредите ќе стигнат на глобалниот пазар, тоа брзо се смени, што значи дека флегшипите на Oppo ќе може да се купат и во Европа по конкурентни цени за својот ранг.
Имено, двата телефона ги погонува MediaTek Dimensity 9500 кој, во споредба со претходните флегшипи на Oppo, носи 32% побрз CPU, 33% побрз GPU и дури 111% побрза NPU единица. Покрај брзината, подобрена е и енергетската ефикасност — CPU троши 55% помалку енергија, GPU 42% помалку, а NPU 56% помалку.

Oppo Find X9 има 6,59-инчен AMOLED екран со 120 Hz, додека Pro верзијата има нешто поголем 6,78-инчен. Двата модели достигнуваат осветленост од 1.800 нити преку цел екран, односно до 3.600 нити во надворешен режим, и доаѓаат со ултразвучен сензор за отпечаток од прст, кој треба да биде значително побрз од оптичкиот во серијата Find X8.
Кога станува збор за системот на камери, Hasselblad повторно е во фокусот, па затоа и нивниот логотип се наоѓа на модулот. Главната камера на Pro моделот користи 50MP Sony LYT-828 сензор (1/1.28”) со f/1.5 леќа од седум елементи и оптичка стабилизација на слика. Во споредба со минатогодишниот модел, ова е поголем и понапреден сензор кој подобро фаќа светлина и бои.

Втората камера е 200MP телефото сензор (1/1.56”) со 70mm f/2.1 леќа, DCG-HDR технологија и хибридна оптичка стабилизација, што овозможува исклучителна острa слика и широк динамички опсег. Дополнително, Oppo и Hasselblad развиле специјален телеконвертер кој овозможува 10x оптички и до 200x дигитален зум, додека видеата поддржуваат зумирање до 50x.
Снимањето видео, исто така, доживеа голем напредок — сите камери на Pro верзијата поддржуваат 4K видео на 60 FPS со Dolby Vision, а главната и телефото камерата снимаат и 4K на 120 FPS. Исто така тука се и функциите Motion Photos и лог снимање за професионална постпродукција.

Стандардниот Find X9, пак, користи минатогодишен 50MP LYT-808 сензор (f/1.6, OIS), дополнет со 50MP перископска камера (73mm, f/2.6, OIS) и 50MP ултра-широка камера (15mm, f/2.0, AF). Значи нешто поскромно, но сепак одлично, особено ако се земе предвид разликата во цената меѓу основниот и Pro моделот.
Што се однесува до батеријата, Find X9 доаѓа со капацитет од 7.025 mAh — зголемување од дури 1.395 mAh во однос на претходната генерација, додека Find X9 Pro оди чекор понатаму со 7.500 mAh. Find X9 поддржува 80W жично и 50W безжично полнење, додека X9 Pro поддржува 90W жично, исто толку брзо 80W безжично и 10W реверзибилно полнење. Oppo тврди дека батеријата ќе задржи најмалку 80% од капацитетот по пет години користење.

Двата телефони доаѓаат со ColorOS 16 базиран на Android 16, со 5 години надградби на оперативниот систем и 6 години безбедносни ажурирања. Системот е интегриран со Google Gemini AI и вклучува Oppo AI функции како AI Portrait Glow, AI Recorder и AI Mind Space. Интересно е што ColorOS 16 нативно поддржува поврзување и со Apple Watch.
Oppo Find X9 ќе биде достапен во Titanium Grey, Space Black и Velvet Red варијанти, со конфигурации од 12/256 GB, 12/512 GB и 16/512 GB, а почетната цена ќе биде 999 евра. Од друга страна, Oppo Find X9 Pro ќе доаѓа во Silk White и Titanium Charcoal, во единствена конфигурација од 16/512 GB по цена од 1.300 евра.


