Google официјално потврди дека AI пребарувањето ќе добие реклами. Компанијата тестира нови формати на огласи кои ќе се појавуваат во одговорите генерирани со вештачка интелигенција.
Google веќе не ја крие својата намера: рекламите доаѓаат во AI пребарувањето. Додека корисниците досега уживаа во „чисти“ одговори од Gemini дијалогот или AI режимот на традиционалното пребарување, тоа наскоро би можело да се промени.
Роби Стајн, потпретседател на Google Search, потврди во едно подкаст гостување дека компанијата активно тестира начини како рекламите да станат составен дел од функционирањето во AI околината. Значи, без разлика дали гледате YouTube или пребарувате на Google — рекламите секогаш ќе ве следат. Тоа е едноставно неизбежен дел од користењето на Google услугите.

Google влегува во нова ера на огласување преку AI пребарувањето
Според него, Google нема намера да го изостави својот клучен извор на приходи од светот на вештачката интелигенција, туку ќе го приспособи огласувањето на новиот формат. Тоа значи дека корисниците би можеле да гледаат огласи интегрирани во AI одговорите. На пример, кога ќе постават прашање за достапност на одреден модел патики, ресторани со можност за резервација, потенцијални алергени во храната или препораки според буџет.
Стајн нагласува дека Google експериментира со различни формати и сè уште го бара најдобриот начин да ги интегрира рекламните содржини во AI одговорите, без да го наруши корисничкото искуство. Тестирањата веќе започнале во рамки на AI пребарувањето и други Google AI сервиси.
Со зголемените инвестиции во вештачка интелигенција, голем е притисокот врз технолошките гиганти да пронајдат одржливи модели на заработка. Google моментално заработува преку претплатите за Google One AI, деловните AI решенија во рамки на Google Cloud и изнајмувањето на TPU инфраструктурата. Очекувањата се дека интеграцијата на рекламите во AI дополнително ќе го стимулира растот на приходите и вредноста на компанијата на берзата.



