Новата опција во iOS 26.2 им овозможува на корисниците на iPhone попрецизно да ја прилагодуваат проѕирноста на часовникот на заклучениот екран со помош на Liquid Glass лизгач.
Apple во претстојната верзија на ажурирањето iOS 26.2 воведува нова можност за прилагодување на визуелниот изглед на часовникот на заклучениот екран. Кога ќе се избере стилот на прикажување наречен „Glass“, се појавува нов лизгач кој овозможува прилагодување на нивото на проѕирност на часовникот — од речиси целосно проѕирен изглед до поизразена, заматена форма што наликува на мат стакло.
Постои и дополнителна опција наречена Solid, која целосно го исклучува Liquid Glass ефектот и го прикажува часовникот во еднобојна, непроѕирна форма — за сите кои претпочитаат класичен дизајн без стаклест ефект.

Персонализација на Liquid Glass ефектот на заклучениот екран
Apple во последните месеци постепено ги проширува можностите за прилагодување на Liquid Glass ефектот во системот iOS 26. Во верзијата iOS 26.1 беше воведена опцијата „Tinted“, која ја намалува проѕирноста на елементите како што се известувањата и копчињата во рамките на апликациите, нудејќи алтернатива за корисниците на кои не им одговара проѕирниот изглед.
Корисниците сè уште изразуваат желба за Liquid Glass лизгач кој би овозможил контрола на интензитетот на овој ефект на ниво на целиот систем, а не само на заклучениот екран. Засега не е познато дали Apple планира да ја прошири функционалноста на лизгачот и надвор од Lock Screen.

